На конференцијата на Асоцијацијата за компјутери, компјутерско вмрежување и комуникации, научничката Сангета Абду Џоти, од Универзитетот во Калифорнија, го презентираше трудот „Сончеви бури: Планирање за интернет-апокалипса“, феномен за кој научниците дебатираат со децении.
Научниците со децении ги разгледуваа последиците што би ги оставила екстремна сончева бура што би можела да ја оштети електричната мрежа и потенцијално да предизвика подолг прекин на електричната енергија. Како што истакнаа, последиците од таков настан ќе се почувствуваат насекаде, од глобални синџири на снабдување до транспорт и пристап до ГПС и интернет.
Досега, влијанието на соларната бура врз целата интернет-инфраструктура е помалку испитувано, но истражувањето на научничката Џоти покажува дека последиците врз интернетот во случај на овој настан би биле катастрофални, особено за подводните кабли, кои ја формираат основата на глобалниот интернет.
Истражувањето спроведено од Абду покажува каква штета може да направи „облак“ од магнетизирани сончеви честички за глобалниот пристап до интернет. Во истражувањето, таа истражува сценарио во кое сончевата бура би предизвикала целосно затемнување во кое дури и по доаѓањето на електрична енергија, прекините на интернет ќе продолжат низ целиот свет, пренесува интернет-страницата „Вајерд“.
– Она што навистина ме натера да размислувам за овој потенцијален настан беше пандемијата на коронавирусот, каде што видовме колку светот е неподготвен. Досега, нема ефикасно решение за овој проблем, а истото важи и за интернетот. Нашата инфраструктура не е подготвена за големи сончеви настани и навистина не разбираме колкава штета може да се направи – вели Џоти.
Меѓутоа, во една студија, Џоти посочи дека локалната и регионалната интернет-инфраструктура при голема сончева бура ќе биде со низок ризик, но од друга страна, долгите подводни кабли што ги поврзуваат континентите ќе бидат изложени на многу поголем ризик, што може да предизвика огромни нарушувања, затоа најверојатно би страдала и локалната инфраструктура.
Таа истакнува дека големите сончеви бури не се нешто што се случува често и дека три примери за такви феномени се забележани низ историјата.
Големите соларни настани од 1859 и 1921 година покажаа дека геомагнетните нарушувања можат целосно да ја нарушат инфраструктурата, како што се телеграфските жици.
Во 1859 година беше забележан настан наречен „Карингтонов настан“, кој претставува една од најголемите магнетни бури на земјата, а поларната светлина можела да се види дури и во Рим, Хавана и Хаваи. Во повисоките географски широчини во Северна Европа и Северна Америка, телеграфските линии изгореа поради високиот електричен напон, а телеграфската мрежа низ целиот свет беше речиси целосно уништена.
Сончевата бура со умерен интензитет во 1989 година, исто така, предизвика големи проблеми, особено во североисточна Канада, каде што предизвика деветчасовен прекин на електричната енергија, што беше многу пред воспоставувањето на интернет-инфраструктурата.
– Иако соларните бури не се случуваат често, короналните експлозии (вид сончева активност) ќе претставуваат вистинска закана за интернетот. По три децении ниска активност на сончева бура, верувам дека веројатноста повторно да се случи инцидент расте – истакна научничката.
Зошто сончевата бура би им се заканувала на подводните кабли?
Подморските интернет-кабли се потенцијално загрозени од активностите на сончевата бура од неколку причини. За да ги задржат податоците непроменети под морето или океанот, каблите се опремени со репетитори во интервали од 50 до 150 километри. Овие уреди го засилуваат оптичкиот сигнал, осигурувајќи дека податоците нема да се изгубат.
Иако оптичките кабли не се чувствителни на нарушувања предизвикани од геомагнетни струи, електронските делови во репетиторот се, и ако има повеќе грешки на нив, каблите во суштина ќе станат неупотребливи.
Покрај тоа, голема соларна бура, доколку се случи, може да ја наруши работата и на опремата и на сателитите што орбитираат околу Земјата, а кои овозможуваат услуги што се од суштинско значење за интернетот.
Кога станува збор за исфрлање на короналната маса, оваа тенденција се јавува многу повеќе во географски широчини што се поблиску до магнетните полови на Земјата. Поради тоа, Џоти верува дека Азија се соочува со многу помал ризик, но каблите што минуваат низ Атлантски и Тихи Океан би биле изложени на многу поголем ризик.
– Некои луѓе мислат дека геомагнетните нарушувања би имале катастрофално сценарио, а други сметаат дека тоа не е важен настан. Мислам дека тоа е настан за кој индустријата треба да биде подготвена – вели Томас Овербеј, директор на Центарот за паметна мрежа на универзитетот „Еј енд Ем“ во Тексас.