Викендов по 46-ти пат во Кичево се одржаа „Септемвриски извиднички средби“, чиј организатор е извидничкиот одред „Мирко Милески“ од овој град. На средбите учествуваа над 100 извидници од повеќе градови во земјава. Извидниците беа поделени во три возрасни категории и се натпреваруваа во повеќе дисциплини.
– Од главниот град учествуваше извидничкиот одред „Галеб“, првиот скопски извиднички одред, како и извидничко-поречанскиот одред „Јадран“, извидничкиот одред „Феникс“ од Прилеп, извидничкиот езерски одред „Охрид“, а гости беа извидници од Битола и ние како домаќини од „Мирко Милески“. Сите извидници беа сместени во извидничкиот камп кај кичевската Соколана. Учесниците на средбите се натпреваруваа во ориентација, шаторизација и забавни игри – истакна Бобан Стојаноски, началник на извидничкиот одред „Мирко Милески“.
Во вечерните часови беа организирани забави и свирење на гитара, со музика што ја изведуваа самите учесници на средбите. Во неделата претпладне беа прогласени најуспешните извидници. Инаку, целокупните активности на годинешните средби се одвиваа во извидничкиот камп. Во изминатите 45 сесии средбите се одржувале и во Кнежинскиот манастир, на Китино Кале и во селото Орланци.