Три генерации на семејството Шафт ќе се здружат во новата акциона комедија „Шафт“, со Семјуел Л. Џексон во главната улога. Во филмот, славниот харизматичен детектив Џон Шафт Вториот ќе го глуми Семјуел Л. Џексон, ќе го видиме и Џејси Т. Ашер во улогата на неговиот син Шафт Јуниор, а ќе се појави и оригиналниот Шафт, кој веќе е дедо, кого ќе го глуми Ричард Раундтри.
Дејството на филмот го следи младиот Шафт, стручњак за сајбер-безбедност со диплома на МИТ, кого го обучува неговиот татко, стариот Шафт, за да открие кој стои зад прераната смрт на неговиот најдобар другар. Легендарниот Шафт, кој е инаку отсутен од животот на својот син, сепак ќе одлучи да му помогне и тие двајцата ќе тргнат кон хероинското подземје на Харлем.
Судејќи според првите кадри, новиот „Шафт“ ќе изобилува со оригиналниот хумор на Семјуел, на чие враќање се радуваат милиони негови обожаватели. Инаку, „Шафт“ првпат се појави во 2000 година, во римејкот на култниот филм од 1971 година.
Новиот филм го режира Тим Стори, а сценариото е на Кени Барис и Алекс Берноу. Премиерата е закажана за 14 јуни во САД, а потоа филмот ќе се дистрибуира низ целиот свет.