Плановите на Илон Маск за проширување на капацитетите на компанијата „Спејс екс“ во областа Бока Чика во американската сојузна држава Тексас наидоа на отпор од страна на локалните жители, пренесува „Интернешнл бизнис тајмс“.
„Спејс екс“ понудил да ги откупи имотите на сите жители на Бока Чика, за да може непречено да ја развива супер-ракетата „Старшип“. Развојот на програмата за Марс ја поттикна идејата за колонизација на „црвената планета“. А компанијата има големи планови за изградба на приватен космодром во селото во Јужен Тексас воглавно населено со пензионери. Во замислите на „Спејс екс“ регионот е предвиден за иден центар на меѓупланетарниот транспорт.
Според медиумите, Маск им испратил писмо на жителите на Бока Чика во септември, нудејќи да ги откупи нивните имоти по трипати повисока цена отколку што вредат. Понудата важела за периодот помеѓу 12 и 26 септември. А неодамнешната средба помеѓу Маск и тексашаните поминала во тензична атмосфера, како што објавува „Бизнис инсајдер“.
Локалните жители не се подготвени да ја прифатат иницијалната понуда, сметајќи дека е прениска. Следниот рок кој сопствениците на имотите го имаат за разгледување на нова понуда за откуп истекува в четврток. Маск им понудил и ексклузивна можност да ги следат идните лансирања на „Спејс екс“, кои инаку се затворени за јавноста.
Но, жителите на Бока Чика изразија загриженост и поради големата бучава создадена од ракетните тестирања, во инаку мирното место во кое планираа да ги поминат пензионерските денови.
Останува да се види како ќе биде решена ситуацијата, односно дали ќе биде постигнат договор помеѓу локалната заедница и „Спејс екс“.
Маск неодамна го соопшти планот за тестирање и конструкција на флота ракети „Старшип“ за кои тврди дека евентуално ќе можат да носат луѓе на патувања до Месечината, Марс и до други вселенски дестинации.