Доколку сѐ уште не сте заминале на одморот од соништата, ви препорачуваме седум филма токму на оваа тема.
1. Седуммина постари Британци
Бил Нај, Џуди Денч, Том Викинсон, Меги Смит… пронаоѓаат интернет-оглас и патуваат за Индија, каде што ги дочекуваат руиниран хотел и Сони (Дев Пател), млад домаќин со бескраен ентузијазам. На секој од пензионираните туристи по нешто му недостига во животот, но престојот во овој хотел во Индија остава голема трага во нивните животи и работите почнуваат да се менуваат на подобро. Иако ова не е комедија од која ќе ве заболи стомакот од смеење, туку драма со елементи на комедија, актерите ќе ве воодушеват, како и прекрасните предели во кои се нашле. Снимено е и продолжение на филмот во 2015 година.
2. Изгорени
Оваа култна француска комедија го содржи токму она што го навестува воведната музичка нумера на Серж Гензбург – море, секс и сонце. Група туристи (Мишел Бланк, Мари-Ан Шазел, Кристијан Клавие) одат во камп на Брегот на Слоновата Коска во Африка, решени да ги заборават своите животни проблеми и емоционални разочарувања. Комичарите, кои по овој филм станаа големи ѕвезди во Франција, преку своите улоги ги доловуваат летните авантури во секоја смисла. Благодарение на филмот „Изгорени“, музичка тема на секое патување на едно просечно француско семејство е песната „Dirlada“ на „Битлси“. Снимени се две продолженија, во 1979 и 2006 година.
3. Што е со Боб
Познатиот психотерапевт Лео Марвин (Ричард Драјфус) заминува на одмор со
семејството, за да избега од еден од своите најкомплицирани пациенти – Боб (Бил Мареј). Меѓутоа Боб не би бил опсесивно-компулсивен невротичар, како што е, кога не би успеал да ги пронајде доктор Марвин и неговото семејство. А кога веќе ги пронаоѓа, останува со нив, а семејството сѐ повеќе се врзува за Боб, додека докторот повеќе не може да го издржи притисокот. Овој филм истовремено е типична и атипична семејна комедија на режисерот Френк Оз.
4. Хотел Трансилванија 3: одморот почнува
Еве и еден актуелен филм од минатата година. Иако ова е трето продолжение, дури да не сте ги гледале претходните две, брзо ќе се вклопите во приказната. Овој пат чудовишта, на чело со главниот лик, кого го глуми Адам Сендлер, од хотел во Трансилванија се селат во хотел на вода, а публиката ужива во случките за време на нивниот авионски лет до Бермудскиот триаголник, забавното крстосување и добро осмислените кореографии. Дали чудовиштата ќе ги избегнат замките на Ван Хелсинг (Џим Гафиган), ќе откриете самите. Филмот пред сѐ е наменет за деца, но ќе уживате и доколку сте најстар во киното. Ќе се смеете на шегите што децата не ги разбираат и ќе уживате во одличните музички точки.
5. Луд одмор
Режисерот Харолд Рамис го режира овој филм според сценариото на познатиот Џон Хјуз, кој ја приспособи сопствената кратка приказна од магазинот „Нешенел лампон“, заснована на една случка поврзана со него и неговото семејство, поточно се работи за неговата прва посета на Дизниленд. Во филмот семејството Гризвалд, на чело со таткото Кларк (Чеви Чејс), тргнува во паркот „Светот на Воли“, за што никој освен него не е особено заинтересиран. Се разбира, она што би требало да биде пријатен одмор преку половина Америка, се претвора во целосна катастрофа. Во текот на снимањето на филмот можете визуелно да пропатувате и вие низ Америка со семејството Гризвалд, цело време смеејќи се до солзи. Овој филм мина толку успешно што се снимени уште пет продолженија.
6. Не е лесно со мажите
Станува збор за филм од некогашната бившојугословенска продукција, снимен во Петровац на море и Бечиќи во Црна Гора, дебитантско остварување на режисерот Миша Вукобратовиќ. Има сѐ што имаат и познатите светски комедии: самохрана мајка (Милена Дравиќ), безобразни тинејџерки, бивш маж, богат додворувач – спонзор, геј-билдер… Ова е извонредно напишано сценарио, доста прогресивно за 1985 година, кога е снимен филмот. Освен тоа, можете да уживате и во убавините на црногорското приморје.
7. Да се преболи Сара
Музичарот Питер Бретер (Џејсон Сигел) го бркаат од телевизиското шоу на Сара Маршал (Кристен Бел) и тој разочаран, по сугестија на пријателите, заминува на однапред испланирано романтично летување за двајца на Хаваи. На островот Питер ја запознава симпатичната Рејчел (Мила Кунис), но малерозен каков што е, дознава дека во апартманот до неговиот се сместени токму Сара и нејзиниот нов љубовник, рок-ѕвездата Алдус Сноу (Расел Бранд). Претпоставувате, се редат многу комични ситуации, а тука се и убавините на Хаваи.