На денешен ден, 19 август, пред 73 години Блаже Конески е избран за прв претседател на Шаховски сојуз на Македонија.
По тој повод, а во чест на великанот, но и во чест на денот кога во македонската традиција се слави и Свето Преображение, денеска претпладне во шаховското паркче во Аеродром се одржа негово чествување, со песна, поезија и рецитации.
Пригоден збор кажа уметникот и хуманист Живко Поповски – Цветин, шаховскиот велемајстор Димитар Илиевски, уметницата Нада Туреска ги претстави своите уметнички изработки – стилизирани стапови, поезија читаа Мендо Димовски и Валентина Ѓоргиевска Парго, додека велосипедистот и новинар Томислав Башевски откри дека во чест на професорот Конески неодамна возел преку стотина километри.
Она што беше значаен дел од програмата беа пејачките интерпретации на македонски етно-песни на Ристана Рина Николова, која во своја музичка импровизација отпеа и песни од Конески, и пред се песната „Ружа”, а на нејзината шаховска табла стара 60 години се одиграа реми-партии.
На таа табла во училиштето во селото Шемшево некогаш шах играле наставниците Ташко Зоровски и Јумни Јунузи.


Уметникот Цветин нацрта цветна азбука со буквите од македонската азбука, подари десетици цртежи и наслика цветна лента со стиховите на Конески, додека неговата цветна штафета што ја наслика Николова наскоро ќе ја однесе меѓу нашите во Канада.