Сопственикот на кината „Регал“ ги затвора сите кина во САД и во Велика Британија, а 45.000 работници остануваат без работа
Не можам да привлечам посетители без цел репертоар нови филмови. Каснењето на „Џејмс Бонд“ е огромен удар за кината, вели сопственикот на кината „Регал“. Состојбата во забавната индустрија стана алармантна откако британската компанија „Синевуд“, која исто така е сопственик на кината „Регал“ во САД, најави дека привремено ќе ги затвори своите 663 кина во САД и во Велика Британија. Оваа состојба ќе погоди 40.000 вработени во Америка и 5.000 во Велика Британија.
Синџирот кина ова лето делумно ги отвори вратите на кината во САД и во Европа, но приближно 200 кина претежно во Калифорнија и во Њујорк се затворени од почетокот на пандемијата. Од компанијата велат дека не можат да привлечат посетители без цел репертоар нови филмови, оваа вест стигна откако од филмското студијо „Метро-Голдвин-Маер“ објавија дека ќе биде одложена премиерата на новиот „Џејмс Бонд“ под името „Не е време за смрт“. Тој беше најавен за оваа есен, а сега е презакажан за април следната година. Вторпат се одложува премиерата поради пандемијата.
Муки Гридинџер, извршниот директор на „Синеворлд“, изјави дека се одложуваат премиерите на многу филмови, како што се „Мулан“, „Црната вдовица“, „Вондер вомен 1984“, како и новит „Џејмс Бонд“, со што компанијата нема ништо ново да им понуди на посетителите.
– Лоша е одлуката филмските студија на ваков начин да ги одложуваат термините за премиери – вели разочарано Гридинџер.
Додава дека компанијата можела да ги отвори кината придржувајќи се кон здравствените и безбедносните мерки и да ги пречека посетителите најавувајќи го филмот „Тенет“ во режија на Кристофер Нолан, како најзначајна премиера за оваа година. Филмот на глобално ниво заработи над 300 милиони долари, од кои само 45 милиони долари во САД. Одложувањето на премиерите на филмовите, кои да не беше пандемијата сигурно би биле блокбастери, им нанесе штета на кината низ светот.
Тим Ричардс, извршниот директор на „Вуе интернационал“, вели дека филмските студија се премногу ориентирани кон Америка, не земајќи ги предвид отворените кина во Европа и во Кина.
– Се бориме е вистинскиот термин за ова низ што поминуваме – вели Гридинџер.
Тој не прецизира кога „Синеворлд“ и „Регал“ би можеле повторно да бидат отворени. Можеби за два месеца, а можеби и подоцна. Компанијата „Синеворлд“ во септември пријави загуба во износ до 1,6 милијарда долари, за првата половина на 2020 година. Вкупно компанијата управува со 780 кина и 100 отворени кина во Полска, Чешка, Словачка, Унгарија, Бугарија и во Романија.
Минатата година 90 отсто од приходите биле генерирани во САД и во Британија.
– За жал, не можеме да работиме без соодветен проток на производот и тажно е што гледаме како бројот на посетители драстично се намалува до неодржливо ниво, а доцнењето на „Бонд“ е огромен удар за нас – изјави Гридинџер, на обраќањето кон своите вработени во Британија.
Не кажа што ќе се случи со работните места. Британската влада најави нова програма за поддршка на вработените, со која работодавците и Владата ќе ги делат трошоците за исплата на платата на вработените чие работно време е редуцирано. Гридинџер го критикува новиот план на ладата поради големиот товар на работодавците. Според него, планот не е функционален затоа што во неговата ситуација немаат никакви приходи.