Една од најскапите видеоигри досега направени, „Сајберпанк 2077“, беше објавена откако нејзините креатори ветија дека ќе ја поправат графиката, за која се јави загриженост дека би можела да предизвика епилептичен напад, објави „Јаху њуз“.
Објавувањето на играта, која ја следеше голем публицитет, двапати беше одложено годинава, и креаторите беа принудени да стават предупредување, откако еден играч се пожалил дека му предизвикала епилептичен напад. А обожавателите се вознемирени по најновите информации.
– Бараме постојано решение за да го отстраниме ризикот по здравјето што е можно побрзо – соопштија креаторите кои ја развиваат играта „Си-Ди Проџект РЕД“.
Играта која ги содржи ликот и гласот на холивудскиот актер Кијану Ривс, веднаш доби високи оценки од критичарите кои го пофалија реалистичниот приказ на футуристичкиот град Најт Сити и слободата што му е дадена на играчот, додека некои пак ја опишаа графиката како ужасна. Буџетот на играта која излезе 32 години по првата верзија, е проценет на 328 милиони долари, што ја прави една од најскапите во историјата.