Фокусот оваа година е на едукативни онлајн содржини и активности што секој вљубеник во вселената ќе може да ги направи од својот дом, парк итн.
Секоја година традиционално од 4 до 10 октомври се одбележува Светската недела на вселената, со над 8.000 настани во 96 земји, па традиционално и кај нас, само во домашни услови. Овие настани се организирани од многу организации, вселенски агенции, астрономски компании, клубови, музеи. Годинава, Светската недела на вселената е посветена на сателитите и нивните широки придобивки, а темата е „Сателитите го подобруваат животот“.
– Овие датуми не се случајни, на 4 октомври 1957 година е лансиран „Спутник 1“, а на 10 октомври 1967 е потпишан светски договор/согласност за фер и разумно користење на вселената, вклучувајќи ги Месечината и другите небесни тела. Оваа година Светската недела на вселената добива поинаков облик, како и сѐ друго соочено со ковид-пандемијата. Фокусот оваа година е на едукативни онлајн содржини и активности што секој вљубеник во вселената ќе може да ги направи од својот дом, парк итн. Би сакале да ја истакнеме соработката со едукативниот центар „Скампер“, со кој ќе одржиме едукативен онлајн курс со наслов „Мисија: Лет до вселената“ за деца од 4 до 8 години – вели Марина Таневска, национална координаторка за Светската недела на вселената.
Во светски рамки, Светската недела на вселената се одржува и одбележува со масовни настани. Асоцијацијата на Светската недела на вселената е предводена и признаена од комитетот на Обединетите нации за мирно користење на вселената и канцеларијата на ОН за вселенски прашања, со база во Виена, Австрија. Главната мисија и цел се едукација и информирање на светот за сите достигнувања, истражувања и успеси што се постигнати на теми за вселената во изминатата година.
– Секоја година Светската недела на вселената има и посебна тема на годината, оваа година темата е „Сателитите го подобруваат животот“. Целта е да се истакне секојдневната употреба на сателитите во нашите животи и на колку различни полиња играат клучна улога. Не може да си замислиме комуникации, следење на промените во природата, временски прогнози, транспорт и навигација и уште многу нешта без употребата на тие сателити – ни објасни Дора Локвенец, локална координаторка.
На прашањето како сателитите го подобруваат животот и какви мистерии кријат, координаторките велат дека како што човештвото еволуира и напредува, така и барањата на луѓето за достапност на најразлични информации стануваат поголеми.
– Навигацијата, интернетот, временските прогнози и уште многу извори на информации ги имаме земено здраво за готово, но во заднина стојат технологија и наука што ни го овозможуваат сето тоа – велат координаторките на „Ворлд спејс вик Македонија“.