Поради расправии за името на Македонија, холивудската актерка ги забрани коментарите на нејзината објава на Инстаграм во која го пофали документарниот филм „Медена земја“.
Таа напиша дека филмот доаѓа од Република Македонија, што предизвика лавина коментари дека земјата повеќе не се вика така и дека сега името ѝ е Република Северна Македонија.
Откако го тргна Република Македонија од постот, Џесика-Паркер напиша дека не зазема политичка страна и дека била само недоволно информирана, односно оти нејзината поента била филмот да стигне до што поголема публика.
– Имаше многу дискусии за објавата. Поголем дел од нив за името на државата и за она што успеав да го исчепкам од сите интервјуа и оцени што ги прочитав за овој извонреден филм. Поентата ми беше да насочам што повеќе публика за оваа приказна и исклучителен документарен филм. Не заземам политичка страна – пишува актерката.
Поголем дел од коментарите беа со објаснување дека земјата го сменила името во Северна Македонија и дека по распаѓањето на Југославија во 1991 година, договорот од Преспа е конечен договор за името меѓу Грција и Северна Македонија, под покровителство на Обединетите нации.
Актерката им одговорила дека ѝ е многу жал и дека по грешка напишала Република Македонија.