Во последниве неколку години т.н. биохакери го презедоа генетичкиот инженеринг во свои раце. Како што опремата станува сѐ поевтина, а знаењето за техниките на уредувањето на генот сѐ подостапно, научниците аматери се обидуваат да „конструираат“ ДНК на најразлични изненадувачки начини. Упатените се сигурни дека генетичката револуција по системот „направи сам“ еден ден може да тргне во катастрофален правец, а најголемата загриженост доаѓа оттаму што некој би можел да ја искористи оваа технологија за создавање биооружје
Уште како тинејџер, Кеони Гандал имаше најсовремена истражувачка лабораторија, сместена во неговата спална соба во Калифорнија. Додека неговите другари купуваа видеоигрички, тој набави десетина парчиња опрема – центрифуга, транслуминатор, два термоциклери – за да се занимава со своето хоби, кое некогаш беше резервирано за докторите на науки во бели мантили, ангажирани во официјалните лаборатории.
Приказната ја пренесува Њујорк тајмс“.
– Сакав да клонирам ДНК користејќи го мојот автоматизиран лабораториски робот и да се обидам да создадам геном во својот дом – вели тој.
Гандал не е сам во ова. Во последниве неколку години т.н. биохакери го презедоа генетичкиот инженеринг во свои раце. Како што опремата станува сѐ поевтина, а знаењето за техниките на уредувањето на генот сѐ подостапно, научниците аматери се обидуваат да „конструираат“ ДНК на најразлични изненадувачки начини. Досега немаа успех во тоа. Пред една година, биохакер самиот си вшприца модифицирана ДНК во надеж дека ќе стане помускулест. Не стана. На почетокот на годинава, еден биотехничар од Тексас си вшприца смеса со надеж дека побрзо ќе се излекува од херпес. Не се излекува.
Гандал, кој сега има 18 години и студира на „Стенфорд“, вели дека сака да обезбеди отворен пристап за технологијата на уредување гени, затоа што верува дека идните биотехнолошки откритија можат да се појават од најнеочекуваните умови. Сепак, признава дека генетичката револуција по системот „направи сам“ еден ден може да тргне во катастрофален правец.
– Дури и јас можам да ви кажам дека ова ниво на регулатива на синтетичка ДНК не е добро. Тие правила нема да функционираат откога сѐ ќе биде децентрализирано – кога сите ќе имаат ДНК-синтисајзер на својот паметен телефон – вели Гандал за „Њујорк тајмс“.
Најголемата загриженост доаѓа оттаму што некој би можел да ја искористи оваа технологија за создавање биооружје. Истражувачкиот тим на Универзитетот во Алберта речиси од ништо го создаде „одамна уништениот вирус – роднина на малите сипаници“, спојувајќи делови од ДНК, добиени по пошта, за само 6 месеци и по цена од 100.000 долари. За некои, експериментот само ја поттикна повеќедецениската дебата за тоа дали треба да се уништат другите два регистрирани остатоци од вирусот на вариола вера, од кои едниот се чува во Центарот за контрола и превенција на болести во Атланта, а другиот во истражувачкиот центар на Државната лабораторија во Русија бидејќи е докажано дека сега научниците можат и самите да создадат сипаници. Студијата, која беше објавена во журналот „ПЛОС уан“, содржи и опис на методите што се користат и – она што најмногу го вознемири Грегори Кобленц, експертот за биоодбрана на универзитетот „Џорџ Мејсон“ во Вирџинија – нови совети и трикови за избегнување препреки.
– Знаевме дека ова ќе биде можно. Знаевме дека Северна Кореја еден ден може да креира термонуклеарно оружје, но сепак ќе бидеме згрозени кога и навистина ќе го направи тоа – рече Кобленц.
Голем број експерти се согласуваат дека би било тешко биолозите аматери самите да осмислат убиствен вирус. Но со оглед на тоа дека има сѐ повеќе хакери што тргуваат со компјутерски кодови, а нивните вештини стануваат сѐ пософистицирани, експертите стравуваат од потенцијални злоупотреби.
– Да се пушти во светот нешто смртоносно може кога било, дури и сега. Ако се подготвени да си вшприцаат хормони за зголемување на мускулите, бидете сигурни дека се подготвени да тестираат и помоќни нешта – вели Џорџ Черч, истражувач од универзитетот „Харвард“, за „Њујорк тајмс“.
Ако на биохакерите им појде од рака да создадат биолошко оружје од ништо, тие би почнале со онлајн-купување. На пример, сајтот „Сајенс ексчејнџ“ служи како комерцијален еко-систем, кој ги поврзува речиси сите што имаат пристап до Интернет и до валидна кредитна картичка за компаниите што продаваат клонирани ДНК-фрагменти.
Гандал купува такви фрагменти – оние бенигните. Но не е премногу тешко да се сфати начинот на кој тие се прават. Наскоро биохакерите ќе ги заменат овие компании со геномен печатач „сѐ во едно“, апарат што му е многу сличен на стандардниот печатач. Една ваква слична направа веќе постои во лабораториите и се продава за околу 65.000 долари. Биохакерите можат да почнат со ДНК-игралиштето на „Амино лабс“, кое чини помалку од еден ајпед или, пак, со опремата за генетички инженеринг „одинс криспер“, по цена од само 59 долари.
Џосаја Зајнер е научник од НАСА, кој стана познат биохакер и кој со камера на челото ги снима и ги пушта во етерот експериментите што ги изведува на самиот себе во својата гаража. Тој се обиде да ги зголеми своите мускули. Зајнер признава дека е можно да му се случи несреќа на некој од неговите следбеници.
– Нема сомнеж дека некој ќе се повреди. Луѓето се обидуваат да се надминат едни со други и сѐ се одвива побрзо одошто кој било од нас очекуваше – и се движи речиси без контрола. Тоа е застрашувачко – вели тој.