Животот на тркала поради слободата и авантуристичкиот карактер отсекогаш наоѓал пат до лицата со немирен дух
Уметноста на номадскиот живот помина пат од Европа до Америка, а денес е тренд во светот. Првите сопственици на компактните ѕидови на тркала обожавале раскош, украси и јаки бои. Животот на тркала поради слободата и авантуристичкиот карактер отсекогаш наоѓал пат до лицата со немирен дух. Иако често се припишува како дел од американската култура и стил на живот, првите куќи на тркала датираат на европскиот континент.
Први сопственици на подвижните куќи биле забавувачите или циркузантите, кои целиот живот го поминуваат на пат. Наместо секојпат да поставуваат шатори кога ќе се стационираат на едно место, имале свои вагони што првично ги влечеле коњи. А внатре во тие вагони се случувала секојдневната динамика на животот, се готвело, јадело, спиело…
Во средината на 19 век овие вагони стануваат станбен простор за Ромите. Специфичните карвани се нарекувале „вардо“, и овој збор водел потекло од „вурдон“ од иранскиот јазик што значи теренско возило. Вагоните што се правеле и во кои живееле Ромите биле помали од оние што ги користеле циркуските групи, па оттука и немало потреба од поголема влечна сила, односно повеќе коњи.
Ромите биле многу горди на изгледот на своите домови. Често богато ги украсувале со разни мотиви, украси, резби, ги бојадисувале со силни бои. Некои дури и биле позлатени. Со текот на времето вагоните еволуирале и станале толку китнести што ја изгубиле практичната и првобитна намена, и од места за спиење, станале вистински експонати. Во некои од нив и ретко се спиело. Ромите претпочитале да спијат во шатори под вагоните.
– Куќите на тркала за нив немале некоја сентиментална вредност, судејќи по тоа што се менувале и продавале по потреба – вели историчарката Џенет Кит-Блек.
А кога сопственикот ќе починел, обичај било да се запали неговиот имот, вклучувајќи го и вардото, затоа што Ромите верувале дека може да го носи духот на починатите и не смееле да го продаваат. А накитот и парите ги наследувало семејството.
Развојот на карваните се одвивал во посебни категории, од кои шест биле основни, па веќе не добивале имиња по сопствениците, туку по традиционалниот стил, по градот во кој се конструирани, по името на конструкторот и слично. Денес се зачувани неколку оригинални вардо-домови. Тие се сместени во некои музеи или се во рацете на некои приватни колекционери.
Ромите водат потекло од просторите на северозападна Индија, земја што нивните предци ја напуштиле пред 1.500 години и се населиле насекаде низ светот, но претежно во Европа и северозападна Азија. Последните 100 години Ромите ја населиле и Америка.