За него велат дека е британски рок, поп, фолк-пејач и текстописец, а всушност тој е Шкотланѓанец што откога знае за себе навива за Селтик и за фудбалската репрезентација на Шкотска. Роден е и израснат во Лондон, на 10 јануари 1945 година.
По татко има шкотско потекло, а според мајка е Aнгличанец. Во младоста играл фудбал и сонувал да стане голема фудбалска ѕвезда. Тој станал ѕвезда, но не во спортот, т.е. фудбалот, туку во музиката. Рано сфатил дека фудбалската кариера е кратка, а спортскиот живот аскетски, без пиење алкохол и прекумерно јадење, а богами и повредите можат да бидат кобни, па, така, одлучил музиката да му биде посериозна преокупација. Во 1956 година ја чул песната на Литл Ричард, „Girl can’t help it“, присуствувал на концерт на Бил Хејли и неговите комети и одлучил цел живот да плови во немирните води на рокенролот. Уште на почетокот се задоил со музиката на Еди Кохран, Вуди Гатри, Боб Дилан, ја прифатил филозофијата на битниците, а според однесувањето и облеката му биле блиски идеите на левичарите и хипиците.
Кариерата ја започнал во 1961 г., кога почнал да свири на хармоника, во 1963 свирел во групата „Jimmy Powell and the Five Dimensions“, но познат станал кога најпрвин настапувал со „Д Џеф Бек груп“ (1966-1969), а подоцна и со бендот „Фејсис“ (1969-1975). Со Џеф Бек биле одлична двојка: динамична интеракција помеѓу дивата и визионерска гитара на Бек и рапавиот и пискав глас на Стјуарт. Свиреле и пееле блуз, фолк, рок и прото-хевиметал и публиката лудувала по нивната музика. Во „Фејсис“ со Рони Вуд најмногу свиреле блуз, кој најмногу му одговарал на кадифениот и рапав глас на Стјуарт. Тоа било блуз што предизвикувал внимание кај обожавателите во сѐ поголем број. Веќе во 1969 г. го издава својот прв соло-албум, „An Old Raincoat Won’t Ever Let You Down“, а наредната година следува и албумот „Gasoline Alley“.
Со третиот албум „Every Picture Tells A Story“ доаѓа и првиот голем хит „Maggie May“. Песната е прифатена од публиката и ги зазема првите места на музичките топ-листи во САД и во Велика Британија. Инаку, оваа песна е автобиографска песна, во која Стјуарт пее за повозрасна жена од него, жена со која ја изгубил невиноста. Тој за кратко успева да привлече армија обожаватели, кои лудуваат по него и го доживуваат како неодоливо привлечен и неверојатно секси-музички уметник. Така веќе е родена нова ѕвезда на музичкото небо. Општо е познато дека повеќето од неговите песни раскажуваат интересни стории. Таков е и случајот со песната „Young Turks“, во која се пее за момче по име Били, кое го напушта родниот град, заедно се бремената девојка.
Во англискиот сленг, поимот „јанг туркс“ значи бунтовен тинејџер, најчесто без причина, и сето тоа буди асоцијации на млади бунтовни тинејџери, кои сакаат сладок, динамичен и брз живот. Во 1975 година Род Стјуарт се сели во Лос Анџелес, САД, и уште истата година ја издава песната „Sailing“, која станува неверојатно популарен и голем хит, поточно негов најголем и најпродаван хит во Велика Британија. Потоа следуваат големите хитови „Da Ya Thing Im Sexy?“ (1978 г.), „Passion“ (1980 г.) и „Baby Jane“ (1983 г.), со кои славата на Род Стјуарт станува планетарна. За „Da Ya Thing Im Sexy?“ беше напаѓан многу, како за нејзиниот текст, така и за рефренот, кој беше многу сличен со песната „Таџ Махал“, на Бразилецот Хорхе Бен Џор, за што заврши на суд. Тој се откажа од своите авторски и изведувачки права во корист на УНИЦЕФ и го одработи концертот „Музика за УНИЦЕФ“ во 1979 г. „Passion“, пак, е позната по тоа што стана многу популарна во Африка, каде што беше број 1 на топ-листите, но и во САД, каде што се искачи во топ 20. Морам да кажам дека за мене песната „Baby Jane“ е нешто најубаво од Род Стјуарт, и тоа е песна што најмногу пати сум ја слушал, во повторно пуштање – едноподруго. И денес, некојпат кога ќе ја пуштам од цедето „The Best of Rod Stewart“, ми причинува големо музичко задоволство и со насмевка се присетувам на бескрајното слушање од младоста. Тогаш, во 1980-тите години, почна да експериментира со фризурата и гардеробата и стана голема модна икона.
Може да се пофали дека во 1994 г. тој го одржа најголемиот рок-концерт во историјата, кога пееше, играше и музицираше пред 3,5 милиони луѓе во Рио де Жанеиро. Секако, за обележување се и неговите дуети со Тина Тарнер („It Takes Two“), Стинг и Брајан Адамс, „All for Love“, со репрезентацијата на Шкотска во фудбал („Purple Heather“), како и дуетите со Дијана Рос и Елтон Џон. Познат е и по тоа што многу успешно ги испеа песните од Кет Стивенс, Криденс Клиервотер Ривајвл и Бони Тајлер. Приватниот живот му е многу интересен, динамичен, возбудлив и исполнет со љубовни афери и секси-скандали. Се женеше трипати: со актерката Алена Стјуарт, со моделката Рајчел Хантер и со Пени Ланкастер, исто така моделка. Од нив и од уште две вонбрачни врски има вкупно осум деца. За сѐ што постигна во музиката и за продадените 150 милиони албуми, во 1993 г. ја доби Британската награда за животно дело, двапати е примен во Рокенрол-куќата на славните, како соло-уметник, во 1994 г., и со групата „Фејсис“, во 2012 г., во 2005 г. доби своја ѕвезда на Патеката на славните во Холивуд, носител е на титулата сер и добитник на многу награди „греми“.
(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот, и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)