Научниците развија роботски лабораториски асистент што може да се движи и да изведува научни експерименти исто како човекот, но многу побрзо. Машината е дизајнирана од научници од универзитетот „Ливерпул“ во Велика Британија, но не е целосно автономна. Треба да се програмира врз основа на тоа каде се наоѓа лабораториската опрема и, покрај тоа, не може да „дизајнира“ свои експерименти. Меѓутоа, машината може да работи седум дена неделно, 22 часа на ден, а потребни се само два часа за да се наполни секоја вечер. Ова им овозможува на научниците да ги автоматизираат истражувањата што инаку одземаат многу време.
Водач на проектот што стои зад роботот е студентот Бенџамин Бургер, кој тврди дека роботот може да извршува експерименти илјада пати побрзо од човекот. Меѓутоа, професорот Енди Купер вели дека брзината не е најважната работа, туку фактот дека роботот му овозможува на човекот да не го троши своето време на одредени истражувања. За време на демонстрацијата, роботот имал задача да пронајде супстанции што може да ги забрзаат хемиските реакции. Во период од осум дена, машината извршила 688 експерименти. Таа ги мешала примероците и ги анализирала резултатите.
Роботот чини помеѓу 125.000 и 150.000 долари во основната верзија, а развојот на неговиот софтвер за управување траел три години. Тој користи ЛИДАР-технологија за автономни автомобили. Роботот може да функционира и во темница, а има и индустриска рака направена од германската компанија „Кука“.