Професии што наскоро ќе станат непотребни
Проучувајќи ги вештачката интелигенција и пазарот на трудот, експертите дошле до заклучок дека за околу десет години, роботите ќе ги заменат касиерите, операторите во центрите за повици и таксистите. Ако дојде до тоа, каде би нашле тогаш луѓето дополнителен приход во случај на губење на работното место или мала пензија? На некои работни места, вештачката интелигенција веќе ги замени луѓето. На пример, програмите за обработка на глас се усовршени и одлично ја исполнуваат улогата на оператор во центар за повици.
Се проценува дека до 2030 година, 80 проценти од работните места во центрите за повици ќе ги извршуваат роботи. Слична судбина ќе ги снајде и касиерите. Многу продавници веќе имаат каси за самопослужување. Роботски продавачи полека им ги заземаат местата на луѓето. Во блиска иднина, таксистите ќе останат без работа, оние што работат како обезбедувачи, како и туристичките работници.
Шефицата на Одделот за истражување во компанијата „Хедхантер“, Марија Игнатова, вели дека многу од работните места се на списокот за автоматизација.
– Поштата и библиотеките веќе подолго време се на списокот за автоматизација, но кога ќе отидете во поштата ќе видите многу луѓе што работат. Преведувачите се исто така ризична група, бидејќи има голем број програми за превод. На списокот има и продавачи, како и вработени во банка. Некои дури ја ставаат и наставничката професија на оваа листа, но мислам дека тука треба да се зачува човечкиот контакт – истакнува Игнатова.
Некои експерти веруваат дека е можно да се заменат и уметниците со роботи. На пример, наместо дизајнер на ентериер, може да има програма. Но дали е можно робот да составува музика, да пишува книги или да игра во претстава наместо актер?
Во светот веќе одамна е познато дека концептот „една професија за цел живот“ не е актуелен. Луѓето сѐ повеќе ги менуваат не само компаниите, туку и професијата. Според Игнатова, потребно е секој вработен да работи на својот личен и професионален развој во сите сфери.
– Во некои професии, не е потребно да се заврши факултет, за да научите нешто ново и да заработувате добро. Претходно, луѓето што често менуваа работа беа нарекувани неодговорни, а сега им се восхитуваат. Ако продолжи ваквиот флексибилен пристап, ќе има работни места дури и во ерата на роботите – заклучува таа.