Со оглед на пандемијата на коронавирусот, низ целиот свет се преземаат посебни мерки за да се спречи ширењето на инфекцијата, а едно кафуле во Јужна Кореја „ангажира“ роботи. Кафулето во градот Даејеон започна со употреба на роботи што приготвуваат пијалаци и им ги служат на гостите. Поточно, на шанкот е задолжена роботска рака, која може да приготви 60 различни пијалаци, а потоа гостите ги послужуваат роботи на тркала.
Системот може да комуницира со други уреди и поседува технологија за движење, за да им помогне на роботите да го најдат најдобриот пат помеѓу луѓето и масите. Комуникацијата со гостите се остварува преку говорни контроли.
– На нашиот систем не му се потребни човечки инструкции за испорака на пијалаците, а масите се доволно оддалечени за да се движат роботите без проблеми. Исто така, на овој начин се почитува и мерката за физичко растојание – вели Ли Донг-бае, директор за истражување во компанијата „Вижн семикон“.
Роботите во угостителството не се никаква новост, бидејќи голем број веќе работат во САД на правење хамбургери. Мерката за физичко дистанцирање би можела да ја зголеми употребата на роботи во угостителската индустрија.