Научници и истражувачи успеаја да создадат микронски капки од материјата која некогаш го исполнувала целиот универзум, пренесува британски „Гардијан“. Овие необични капки материја се во три различни облици: круг, елипса и триаголник.
Со судирање на протони и неутрони едни в други, научниците успеале да направат реплика од материјата, за која се смета дека постоела во време кога се создавал универзумот, а температурата била превисока за во тие услови да се формираат атоми.
Студијата на научниците, всушност, се фокусира на течностa наречена „кварк-глуон плазма“. Проценките се дека оваа материја го исполнила целиот универзум неколку делови од секундата пред да се случи „големиот прасок“ кој го создала денешниот свет и пред да се појават првите атоми.
Истражувачите преку долги експерименти успеале да генерираат мали капки од оваа материја која во надворешни услови се шири и се менува во три геометриски форми.
– Резултатите од истражувањата можат да ни помогнат полесно да ги одговориме прашањата за тоа која е првата материја која постоела во нашиот универзум – изјави Џејми Нагл од Универзитетот во Колорадо, еден од многуте научници кои придонеле за успешниот експеримент.
Првенствено, научниците започнале да ја истражуваат оваа материја уште во 2000 година, кога судирале атоми на злато едни со други и достигнале температури од трилиони целзиусови степени. Со генерирањето на овие енормни температури, честичките кои ги создаваат протоните и неутроните се разделиле и започнале да се движат, што им сугерирало на научниците дека постои можност да се создадат нови видови на материја.
Истражувачите развиле техника на судирање на два протони, со што многу полесно се генерирала „кварк-глуон плазмата“ – нешто што претходно се сметало за невозможно. Сите овие научни истражувања се во насока на тоа да се дознае и да се пронајде како оваа плазма за време на формирањето на универзумот со огромна брзина ја изгубила енормната топлина и ги создала првите атоми некогаш што постоеле.