Бројот на мажи починати од рак на кожата е во голем пораст во развиените земји, додека стапката на смртност од истата болест кај жените расте побавно или дури е во пад, велат научниците на медицинска конференција во Глазгов.
Не е јасно зошто доаѓа до отстапување меѓу половите, но некои докази укажуваат на тоа дека мажите се помалку склони да се заштитат од сонцето или да ги послушаат здравствените предупредувања, вели за АФП Дороти Јанг, британска лекарка и автор на студијата.
Повеќе од 90 отсто од меланомот е предизвикан од оштетувања на клетките на кожата поради изложеност на сонце или други извори на ултравиолетово зрачење, како солариумите, наведуваат од Центарот за контрола и превенција од болеста.
Во осум од 18 земји кои биле вклучени во истражувањето, стапката на смртност од рак на кожа кај мажите се зголемила за најмалку 50 отсто во текот на изминатите три децении.
Стапката на смртност се зголемила за трипати во Хрватска и Ирска.
Голем пораст на стапката на заболени мажи е забележан и во Шпанија и Британија(70 отсто), во Холандија(60 отсто), како и во Франција и Белгија(50 отсто).
САД не беа вклучени во студијата, но според податоците на Центарот за контрола и превенција од болеста, стапката на смртност од меланомот кај тамошните мажи пораснала за околу 25 отсто.
Со жените не е таков случајот. Во Австралија, на пример, смртноста од рак на кожата меѓу женската популација во 1985 година била за половина помала во однос на мажите, а се намалила за уште 10 отсто во следните 30 години.
Останати земји кои во изминатите 30 години бележат пад на стапката на смртноста од меланом меѓу жените се Австрија со девет отсто помала стапка на смртност, Чешка со 16 отсто и Израел со 23 отсто.
Во Романија, Шведска и Британија дошло до мал пораст, но ни близу како кај мажите.
Јапонија има далеку најмала забележана стапка на смртност од меланом, 0,24 од 100.000 кај мажите, односно 0,18 од 100.000 жени.
Во тек е истражување на биолошките, односно генетските фактори кои потенцијално влијаат врз развојот на ракот на кожата, но засега нема конкретни заклучоци.