Прототипот на „Спејс екс“, ракетата „СН10“, вчера се вивна околу десет километри во небото над јужен Тексас во пробен лет, и потоа успешно слета на платформата во близина на местото на полетување. Но, околу три минути по слетувањето, ракетата експлодирала, пренесува „Си-ен-ен“.

Лансирањето на „СН10“, која е ран прототип на ракетата „Старшип“, наменета за слетување на Марс, уследи по два пробни лета, кои исто така завршија со експлозија. Вчерашното лансирање е прво со „речиси“ успешно приземјување.

– Го имаме првото успешно слетување. Имаме неколку други прототипи кои веќе се во производство и следниот, „СН11“, ќе биде подготвен за тестирање во блиска иднина – рече Џон Инсперкер, инженер на „Спејс екс“ за време на преносот на настанот.

 

Непознато е што предизвикало ракетата да експлодира по слетувањето, а преносот во живо беше прекинат. Примарната цел на тестот била да се соберат податоци за тоа како клапите на ракетата ќе го контролираат прототипот додека се спушта назад кон Земјата.

Ваквиот метод на слетување претходно беше спомнат од извршниот директор Илон Маск, кој објасни дека ракетите ќе слетуваат хоризонтално, благодарение на четири клапи, маневар кој Маск рече дека има за цел да го симулира паѓањето на падобранец низ воздухот, кое е различно од правилното, вертикално спуштање на ракетата „Фалкон 9“.

– Усовршувањето на овој маневар за слетување е од суштинско значење, бидејќи „тој ќе овозможи систем за повеќекратен транспорт, дизајниран да носи екипаж и товар на долго време, вршење меѓупланетарни летови и ќе му помогне на човештвото да се врати на Месечината, да стигне до Марс, па и подалеку – се наведува на веб-страницата на компанијата.