Од скромно момче од Шведска без вистински пријатели до вистинска ѕвезда на „Јутјуб“. Феликс Кјелберг, попознат како Пјудипај, стана првиот независен јутјубер кој зад себе има „армија“ од дури 100 милиони претплатници.
Под независен се мисли на тоа дека зад него не стои никаква продукција, туку самиот ги снима и уредува сите видеа, со мала помош од еден монтажер, што претставува фантастичен успех кој овој јутјубер го впишува на страниците на историјата.
До сто милиони претплатници Феликс стигна за околу десет години, колку што е присутен на јутјуб-сцената. Во овој временски период тој секојдневно објавува нови клипови за своите обожаватели на платформата.
Феликс имаше скромни почетоци, снимајќи се себеси како игра разни игри, како на пример „Call of Duty“ и „Minecraft“, а вистински успех и популарност постигна играјќи хорор-игри, благодарение на неговите смешни реакции на напнатите сцени.
Ова подоцна стана негов препознатлив знак кој покрена нов тренд што го прифатија голем број јутјубери и кој е актуелен и денес.