Мумија за која се проценува дека е стара најмалку 800 години, е пронајдена на брегот на Перу.
Археолозите утврдиле дека станува збор за останки на лице кое потекнува од заедница која живеела меѓу брегот и планините на споменатата јужноамериканска земја. Мумијата, чиј пол не е идентификуван, е откриена на периферијата на градот Лима, изјави археологот Питер Ван Дален Луна.
„Целото тело беше врзано со јажиња, а рацете го покриваа лицето, што било дел од локалната традиција на погребување“, додаде тој.
Во гробницата се пронајдени и остатоци од зеленчук, камени алатки и керамика. Вакви предмети во минатото им се нуделе на душите на починатите.
Патем, во Перу има стотици археолошки локалитети кои припаѓаат на култури кои се развиле пред и по Империјата на Инките, која се протегала низ Јужна Америка, од Еквадор и Колумбија до централно Чиле.