Астрономите првпат открија водена пареа во атмосферата на планетата која е надвор од Сончевиот систем и е оддалечена 110 светлосни години. Според научниците, оваа планета е на вистинска оддалеченост од своето „сонце“, така што ги исполнува двата основни услови за потенцијален живот: вистинска температура и вода.
Сепак, научниците предупредуваат дека не треба да се зборува за „втора Земја“. Планетата е двапати поголема од Земјата и има осум пати поголема маса. Ѕвездата околу која кружи К2 -18б, исто така не може да се спореди со Сонцето. Освен тоа, сè уште не е јасно дали откриената вода навистина тече на површината, велат авторите на студијата објавена во „Нејчр астрономи“.
Планетата К2-18б беше откриена во 2015 година со помош на американскиот вселенски телескоп Кеплер. Водената пареа сега е откриена со помош на телескопот Хабл. Ова откритие ја прави планетата, која се нарекува К2-18б, веродостоен кандидат во потрагата по вонземски живот.
За десет години, нови вселенски телескопи би можеле да утврдат дали атмосферата на К2-18б содржи гасови што би можеле да се создадени од живи организми.
Професорката Џована Тинети, лидер на тимот од Универзитетскиот колеџ во Лондон (УЦЛ), го опиша откритието како „неверојатно“.
– Ова е првпат да откриеме вода на планета во населива зона околу ѕвезда, каде што температурата е потенцијално компатибилна со присуство на живот – рече таа.
– К2-18б се наоѓа на 110 светлосни години од Земјата, премногу далеку за да испрати сонда. Значи, единствената опција е да почекаме следната генерација на вселенски телескопи да бидат лансирани во 2020-тите и да бараат гасови во атмосферата на планетата што може да ги произведуваат само живи организми – вели д-р Инго Валдман од УЦЛ.
Тој додава дека ова е едно од најголемите прашања во науката и отсекогаш сме се прашувале дали сме сами во универзумот. Во следните десет години ќе знаеме дали има хемикалии што се должат на живот во тие атмосфери.
Тимот што дојде до откритието ги разгледувал планетите откриени од вселенскиот телескоп Хабл помеѓу 2016 и 2017 година. Истражувачите одредиле некои од хемикалиите во атмосферата на планетите проучувајќи ги промените на ѕвездената светлина додека планетите орбитирале околу своите сонца. Само К2-18б дала молекуларен потпис на вода, што е витална состојка за живот на Земјата. Компјутерското моделирање на податоците сугерирало дека до 50 отсто од нејзината атмосфера може да биде вода.