Романот „Дева Марија и по вторпат искушена“ на плодната кичевска прозаистка и поетеса Маја Ристески-Арминоска ќе биде промовиран денеска, во 16 часот, во малата сала на Центарот за култура во Кичево. Овој роман е продолжение на романот „Најголемото искушение на Дева Марија“, кој излезе од печат лани.
Тематиката, како и на неговиот претходник, е женската репродуктивна проблематика, од која е заболена речиси секоја втора-трета жена, а се работи за т.н.ендометриоза.
– Двата мои романа носат силна порака секоја женска личност да биде храбра и решителна кон остварување на светата обврска да биде мајка – истакна Маја Арминоска.
Таа пишува уште од најмали години, членка е на клубот на писатели „Стале Попов“ од Битола од 2003 година. Како што самата нагласи, од многуте добиени награди, за свој најголем успех ја смета наградата на меѓународната поетска манифестација „Илинденски денови – Слободни поетски денови“, кога за своето првенче, книгата „Мелни бисери“, ја доби највисоката награда. Таа може да се пофали уште со триесетина награди и признанија, кои ги има добиено на повеќе книжевни манифестации и фестивали за своите поетски и прозни дела. Нејзините дела можат да се најдат и на светската електронска библиотека, каде што можат и бесплатно да се прочитаат.