Промовирана е книгата „Прирачник за проучување на природата“ од Кирил Арсовски-Пржо, со илустрации на Хари Дудески, која дава практични совети и методи како можеме да го проучуваме живиот свет околу нас, при прошетка низ шума, на пикник или дури посета на градскиот парк. Промоцијата се одржа онлајн на фејсбук-страницата на „Чудна шума“, а промоторка беше професорката Емилија Арсов.
„Прирачник за проучување на природата“ истакнува како истражувањето и проучувањето на природата се најстарите човекови активности. Преку нив, тој ја спознавал територијата што ја населува, просторот во кој живее и се храни, како и живиот свет – флората и фауната.
– Денес, кога природата под влијанијата на човекот драстично се менува, потребно е повторно одблизу да се запознаеме со нејзините вредности и елементи. Преку посета на природата и едуцирање за сите живи организми, се поставуваат темелите за нејзината заштита.
Овој прирачник во неколку поглавја дава практични совети и методи за тоа како можеме да го проучуваме живиот свет околу нас, при прошетка низ шума, на пикник или дури посета на градскиот парк.
Темите, таксономски поделени, даваат и насоки, но и пораки за важноста на живиот свет околу нас – велат промоторите.
Во овој прирачник, наменет за сите возрасти, претставени се методи од апликативната екологија преку кои читателот може да го проучува живиот свет. Почнување на истражувачки дневник, следење на промените на сезоната, набљудување инсекти, птици и цицачи, како и собирање растенија и изработка на хербариум се само дел од содржините на овој прирачник.