Четири филма и две серии се новите проекти на „Хаер граунд продакшн“, продуцентската куќа на Барак и Мишел Обама во соработка со „Нетфликс“, пренесуваат светски медиуми.
Парот Обама во 2018 година потпиша повеќегодишен договор за соработка со „Нетфликс“. Во нивните претходни проекти со „Нетфликс“ е документарниот филм „Американска фабрика“, кој во 2020 година освои „оскар“ за најдобар документарец.
Продуцентската куќа на Обама ќе го адаптира за филм романот на британско-пакистанскиот автор Мохсин Хамид „Излез од запад“, пишува во соопштението на „Нетфликс“. Во книгата се раскажува за млад пар кој наоѓа магична врата, што ќе ги пресели на други места среде светската бегалска криза.
Научно-фантастичниот филм наречен „Сателит“, ќе се реализира во соработка со режисерот на „Војна на ѕвездите“ Рајан Џонсон и продуцентот Рам Бергман.
Филмот „Тензинг“ е приказна за непалско индиски шерпас кој прв го искачил врвот на Монт Еверест со Едмунд Хилари од Нов Зеланд.
„Младата сопруга“ е игран филм во кој се прикажуваат чувствата на жената на денот на нејзината венчавка.
Од двете телевизиски серии „Ќерката на пожарникарот“ е трилер според романот на Анџелина Булеј за осумнаесетгодишен член на племето Оџибва, кој, не по своја желба, оди на тајна задача за полициска истрага, додека втората серија ќе биде документарец за национални паркови.
„Нетфликс“ соопшти дека проектите ќе бидат реализирани во следните неколку години, но не ги прецизираше точните датуми на објавување.