Скептиците од Лондонската школа за економија и политички науки и од Универзитетот во Бату веќе 18 години ги следеле финансиите и очекувањата на луѓето и откриле дека оние што се премногу оптимисти не стануваат богати, туку несреќни и посиромашни. Од друга страна, пак, оние што размислуваат реално, кои донесуваат одлуки засновани врз точни процени, поминуваат подобро.
– Ако сте реални во врска со својата иднина и донесувате здрави одлуки засновани врз докази, тоа може да ви донесе чувство на благосостојба, без да се нурнете во немилосрдна позитивност – вели коавторот на студијата Крис Давсон, вонреден професор по бизнис-економија на Универзитетот во Бату.
Студијата скоро две децении следела 1.600 лица во една британска анкета за домаќинства.
И нереалните оптимисти и нереалните песимисти не успевале да донесат одлуки засновани врз пристрасни очекувања. Двете тактики, исто така, резултираат со емоционални превирања: преголемите оптимисти може да доживеат деструктивно ниво на разочарување кога очекувањата нема да им бидат исполнети, додека оние што се претерано песимистички настроени можат да доживеат постојан страв од гледање и очекување проблеми.
За да го илустрира функционирањето на оптимистите, реалистите и на песимистите, коавторот Дејвид де Меза, професор по менаџмент на Лондонската школа за економија, опишува како се однесува секој од нив за време на пандемијата.
– Оптимистите ќе се сметаат за помалку подложни на ризик од ковид-19 и затоа имаат помала веројатност да преземат соодветни мерки на претпазливост. Песимистите, од друга страна, може да бидат во искушение никогаш повеќе да не ги напуштат своите домови или да не ги испраќаат своите деца на училиште. Реалистите, пак, преземаат измерени ризици врз основа на научното разбирање на болеста – објаснува професорот.