Во некои европски земји се воведуваат рестриктивни мерки за наредниве недели пред Нова година, додека во други се олабавуваат во пресрет на Божиќ.
Во многу земји бројот на заразени од коронавирусот се зголемува по падот на крајот од ноември. Ви ги претставуваме рестрикциите што се воведуваат низ континентот.

Холандија
Холандија е комплетно затворена, а тоа ќе трае пет недели. Во домовите нема да биде дозволено присуство на повеќе од двајца гости постари од 13 години, а сите јавните места, вклучувајќи ги и студијата за убавина, ќе бидат затворени до 19 јануари. Училиштата ќе бидат затворени до 18 јануари и луѓето се советуваат да останат дома, да не одат на работа и да избегнат контакт со другите. Од 24 до 26 декември, во домовите ќе бидат дозволени до тројца гости.

Чешка
Рестораните, хотелите и спортските објекти, кои беа отворени пред две недели, ќе бидат повторно затворени од 17 декември. Јавните собири ќе бидат ограничени на најмногу шест луѓе, наместо досегашните 10 внатре и 50 надвор, со национален полициски час од 23 до пет часот. Училиштата исто така ќе бидат затворени порано, а продавниците ќе продолжат да работат.

Германија
По лесното затворање на почетокот од ноември, следува тешко затворање. Училиштата и неесенцијалните продавници ќе бидат затворени за време на Божиќ и Нова година. Во Германија на почетокот од ноември беа затворени баровите, рестораните и туристичките атракции, но шопинг-центрите и едукативните центри останаа отворени. Според канцеларката Ангела Меркел, божиќниот шопинг е причина за зголемениот раст на социјалните контакти. Новите рестрикции ќе важат до 10 јануари, но ќе бидат олабавени од 24 до 26 декември со лимит за групирање до пет луѓе, но Меркел препорача претходно една недела самоизолација. Консумирањето алкохол на јавни места ќе биде забрането, како и продажбата на пиротехнички средства пред новогодишната ноќ. Верските собирања ќе бидат дозволени само со дистанцирање од 1,5 метар помеѓу луѓето и без пеење.

Франција
Шестнеделна забрана за движење е издадена во вторник, но претседателот Макрон воведе и полициски час од 20 до шест часот до средината на јануари. Музеите, театрите и киносалите ќе останат затворени најмалку до јануари, како и рестораните, баровите и кафетериите. Максимално шест возрасни луѓе ќе бидат дозволени во домовите. Француските ски-центри ќе останат затворени, но можно е нивно реотворање во јануари под посебни рестриктивни мерки.

Шпанија
Од 23 декември до 6 јануари патувањето помеѓу регионите во Шпанија ќе биде дозволено, но само доколку се посетуваат пријатели или семејството.
Социјалните собирање за новогодишната ноќ, Божиќ и Бадник ќе бидат лимитирани на десет луѓе, вклучувајќи ги и децата. Полицискиот час, кој во моментов е од 10 ч. навечер до полноќ, за време на новогодишната ноќ и Божиќ ќе биде продолжен до 1.30 ч. по полноќ. На Канарските и на Балеарските Острови ќе биде дозволено непречено движење.

Италија
Забраната за патување помеѓу различни региони ќе стапи во сила од 21 декември и ќе трае до 6 јануари, а луѓето нема да смеат да ги напуштат местата на живеење за време на Нова година, Божиќ и Бадник. Досегашниот полициски час од 22 до 5 часот ќе остане во сила, иако црквите ќе останат отворени. Премиерот Џузепе Конте им порача на Италијанците да празнуваат без собирања и со помалку гушкања и бакнежи.

Австрија
Ограничувањата се ублажени пред Божиќ откако Австрија излезе од своето второ национално затворање на 7 декември. Полицискиот час ќе важи од 20 до шест часот, а неесенцијалните продавници и другите бизниси повторно се отвораат. Рестораните и баровите ќе останат затворени. Хотелите ќе бидат отворени само за оние што патуваат за бизнис, а оние што доаѓаат од земји со повеќе од 100 корона-случаи на сто илјади луѓе ќе мора да останат во карантин 10 дена.

Португалија
Ограничувањата се олабавени во пресрет на Божиќ и на луѓето им е дозволено да ги посетат пријателите и семејствата, но истите тие повторно ќе стапат во сила за Нова година. Групирањето ќе биде лимитирано на 10 луѓе, а полицискиот час ќе се воведе од 23 до два часот помеѓу 23 и 25 декември.