„Веганска модна библиотека“ е името на првиот бутик отворен во Лос Анџелес, посветен на веганските модни брендови. Ова значи дека во него се достапни само еколошки, вегански и креации на компании кои работат според одржливи протоколи, пренесуваат светските медиуми.
Првиот изложбен салон и бутик во светот им дава поддршка на дизајнерите вегани. Поддржан и создаден од „Веганска модна недела“ и како решение за ограничувањата на социјално растојание среде пандемијата на коронавирус, изложбениот салон со повеќе брендови ќе содржи облека, накит и модни додатоци изработени од иновативни материјали како што се растителна волна, веганска свила и кожа од кактус.
– Одиме кон позитивни промени преку свесност и креативност. Да ја искористиме оваа можност да размислиме за причината за пандемијата, да погледнеме над физичкото растојание и да создадеме нова свест за да го смениме однесувањето – вели Емануел Риенда основач на „Веганска модна недела“.
Модната индустрија страда и дизајнерите вегани одлучија да работат независно од другите и со помалку познати материјали.
– Јас го создадов овој концепт на веганска мода за да ги поддржам. Многу брендови не ми плаќаат, па затоа јас лично вложувам во оваа област. Треба да работиме за потиснување на нашите желби и промовирање сочувство кон животните и планетата за да можеме креативно да одговориме на она што се случува, а тоа е пандемијата предизвикана од злоупотребата на животни – нагласува Риенда.
Производите изложени во овој бутик ќе бидат достапни за купување и преку интернет.