Извршниот директор и основачот на „Фејсбук“ Марк Закерберг патуваше низ 50 сојузни држави на САД за подобро да се запознае со секојдневниот живот на луѓето. Тој сведочеше пред американскиот Конгрес двапати, за тоа како неговата социјална мрежа помогнала во ширењето на лажни вести за време на претседателските избори во САД во 2016 година. И вети дека ќе го „поправи“ Фејсбук. Но, признавањето на вината на Закерберг е упатено кон погрешна целна група, пишува европското издание на магазинот „Политико“.
Неговите ветувања, засега, се насочени кон американската јавност, додека Закерберг е тивок кога стануваат во прашање неамериканците на социјалната мрежа, кои опфаќаат околу 80 отсто од 2,2 милијарди корисници ширум светот. А недоволната ангажираност сега му создава проблеми.
Политичарите од девет држави, со вкупна популација од 447 милиони жители, денеска имаа средба во Лондон, на која расправаа за глобалните стравувања оти социјалната мрежа стекнала големо влијание надвор од САД.
Дискусијата во Лондон ги опфати проблемите со говорот на омраза и лажните информации на социјалната мрежа, како и уредувањето на Интернет, но вистинската цел беше Закерберг и неговото противење да се вклучи во проблемите поврзани со Фејсбук на остатокот од светот.
– Ако тој не сака да даде сугестии за регулирањето на Фејсбук, ние самите ќе го сториме тоа – порача канадскиот политичар Боб Зимер, во пресрет на дискусијата во Лондон, на која имаше учесници и од Велика Британија, Франција, Белгија, Аргентина, Бразил, Република Ирска, Сингапур и Летонија.
„Фејсбук“ покажа поголема отвореност кон справување со проблемите, соопштувајќи дека водечките луѓе на компанијата одговарале на прашања во парламентите на повеќе од 13 држави. Но, Закерберг бил отсутен на поголемиот дел од тие сослушувања, според неговата т.н. практика на „празното столче“. Таков беше случајот и на денешната средба во Лондон на која основачот на „Фејсбук“ не се појавил. Столчето покрај кое стоел натпис со неговото име останало празно.
9 countries.
24 official representatives.
447 million people represented.One question: where is Mark Zuckerberg? pic.twitter.com/BK3KrKvQf3
— Digital, Culture, Media and Sport Committee (@CommonsCMS) November 27, 2018
Наместо Закерберг, учесниците на дискусијата му поставувале прашања на заменикот-претседател на „Фејсбук“ Ричард Алан, првенствено во врска со практиките на компанијата за приватноста на податоците. Алан признал дека компанијата „ја изневерила довербата на јавноста преку одредени постапки“.
– Закерберг треба да сфати дека меѓународните поплаки го подриваат Фејсбук во поголема мера од сослушувањата во американскиот Конгрес кои привлекоа внимание во 2016 година – заклучува авторот на написот Марк Скот.
Британските власти запленија интерни документи на „Фејсбук“ викендов, чија содржина би можела да создаде уште поголеми потешкотии за компанијата доколку излезе во јавноста, бидејќи, наводно, ја покажува вклученоста на водечките луѓе на „Фејсбук“ во практиките со податоците што доведоа до скандалот со „Кембриџ аналитика“. Компанијата категорично ги отфрлува ваквите обвинувања.