Многу е мала веројатноста дека „Рокетмен“, филмот за Елтон Џон, ќе го престигне успехот на филмот „Боемска рапсодија“ на топ-листите. Има повеќе причини за тоа, но една е клучна, приказните за починатите легенди привлекуваат поголемо внимание отколку за живите, така што не станува збор за квалитетот во изработката на филмот.
Всушност, режисерот Декстер Флечер работел на двата филма, но „Рокетмен“ е негово самостојно дело. Изработката на „Боемска рапсодија“ била надгледувана од живите членови на бендот Брајан Меј и Роџер Тејлор, кои давале забелешки што смее, а што не смее да се спомене во филмот за Фреди.
„Рокетмен“ е сосема различен случај, филм што го опфаќа само животот на Елтон, кој инсистирал на филм за себе, но не лажен. Негов најдобар соработник бил сценаристот Ли Хол, со кого се зближил додека работеле на театарскиот мјузикл „Били Елиот“. Се договориле концептот на филмот да го следи главниот лик од детството до славна ѕвезда.
Ексцесите во 1970-тите, преобразувањето во рок-циркузант на клавир, одењето на високи потпетици и преоблекувањето во жена се многу убедливо прикажани. Оние што го слушале во 1984 година нема да го препознаат, затоа што тогаш не се поместувал од своето место на сцената. Актерот Тарон Егертон со неверојатна динамичност и енергија го доловува ликот на Елтон. А кога станува збор за тоа колку има вистина во филмот, тоа би го знаеле само добрите познавачи на ликот и делото на Елтон.