Во светот зелените покриви одамна се мејнстрим и во многу случаи тие се основни правила за дизајнот на самиот објект. Кај нас, за жал, сѐ уште се радуваме на екостиропор, вели архитектот Душко Апостолов
Секој покрив што има саден медиум и ги исполнува сите услови растенијата да вегетираат би можеле да го наречеме зелен, вели архитектот Душко Апостолов, кој се залага за ширење на идејата и концептот на зелени покриви кај нас.
Како што објаснува тој, зелените покриви потекнуваат од скандинавската архитектура и се реализирале на дрвена покривна конструкција, на која наместо турската покривна ќерамида, како кај нас, се става кора од бреза во полукружни парчиња, што се покрива со земја како саден медиум за зеленило. Но ние уште сме далеку од целосна примена на овој концепт.
– Во современата архитектура постојат повеќе типови зелени покриви, а со тоа и повеќе намени, во зависност од климатските услови, позицијата, самиот концепт на дизајнот и многу други фактори, но сите имаат речиси исти слоеви. Во зависност од подлогата, дали се работи за бетонска покривна плоча или некоја друга конструкција, најпрво се поставува паропропусна-водонепропусна мембрана, над која се редат термичка изолација, хидроизолација и заштитен слој од механички оштетувања на хидроизолацијата. Откако сме сигурни дека сето тоа е добро поставено и заштитено, може да се започне со дренажниот систем за одводнување. Потоа останува да се нанесе земјениот слој, на кој понатаму ќе биде засадено зеленилото – објаснува Душко.
Неговата примена пред сѐ овозможува одлична термичка и звучна изолација, но во одредени ситуации тоа може да биде и потреба од повеќе отворен простор. Може да ја редуцира атмосферската вода, ја помага регулацијата на растителниот и животинскиот свет и, најбитно, го подобрува квалитетот на воздухот.
– Кога врне дожд, сите штетни честички од воздухот паѓаат на земја. Кога тоа е асфалт, бетон или сличен материјал, тие повторно испаруваат и се враќаат во воздухот, но доколку дождот е апсорбиран во зелена површина, сите тешки и штетни материи остануваат во земјата и се филтрираат преку растенијата.
Исто така зелените покриви не се термички апсорбери, како бетонот, ќерамидата, чакалот или битуменот, кои се најчест материјал на покривите, и со тоа придонесуваат за намалувањето на температурата околу него – додава Апостолов.
Во зависност од типот на зелениот покрив, дали е екстензивен или интензивен (10-15 сантиметри саден медиум е екстензивен, а над 15 сантиметри е интензивен) и во зависност од проектните барања, се дефинира какви растенија ќе се применуваат.
– Во најчестите случаи на екстензивни зелени покриви, тоа се само зелени површини, засадени со ниска трева и автохтони ливадски цветови со помеки корени што не бараат поголем ангажман околу одржувањето. Може тоа да бидат и декоративни растенија, ако се такви барањата од инвеститорот, но сѐ почести се случаите за создавање на пермакултурните градини. На доматот му е доволен 5 сантиметри саден медиум да вегетира, но доколку има потреба од поголем саден медиум, тоа секогаш може да се реши во посебни жардиниери – вели Душко.
Според него, меѓу придобивките од зелените покриви е и тоа што ги редуцираат затоплувањето и ладењето на објектот. Ја редуцира атмосферската вода и ја филтрира од тешките метали, го подобрува квалитетот на воздухот, го регулира растителниот и животинскиот свет, ја подобрува звучната изолација и, секако, ја зголемува зелената површина. Во поголеми размери тие можат да ги задржат атмосферските води до 75 проценти и постепено да ја испуштат во атмосферата преку кондензација и испарувања, додека штетните материи се задржуваат во земјата.
– Првите зелените покриви во модерната архитектура се појавуваат во 1960-тите години, а веќе во 1970-тите години, благодарение на енергетската криза во светот, тие земаат поголем замав. Ако направиме една ретроспектива на светските биеналиња за архитектура, ќе видиме дека речиси сите добитници на награди имаат инкорпорирано не само зелени покриви туку цели шуми распоредени по вертикала на објектот. Мотивот за тоа е што поголемо поврзување со природата и што помало негативно влијание на околината. Како инвестиција зелениот покрив, во зависност од типот, може да биде и двојно поскапа, а плус треба да се платат и дополнителни комунални такси за проодна тераса – вели Душко.
Од неговите сознанија, кај нас на оваа идеја се гледа со скепса и страв од можноста за пропуштање влага при неадекватно поставување на хидроизолацијата и нејзината механичка заштита.
– Во светот зелените покриви одамна се мејнстрим и во многу случаи тие се основни правила за дизајнот на самиот објект. Кај нас, за жал, сѐ уште се радуваме на екостиропор и, доколку нема помош од некои субвенции, ќе ни треба уште многу време да позелениме, барем еден процент од покривните површини во Македонија. Секој квадрат зелена површина е добредојден во урбаните средини, независно дали станува збор за покриви или ѕидни површини, а придонесот за поквалитетен воздух е речиси ист. Но кога станува збор за нивно одржување, ако зелениот ѕид има поголема висина од три метри, тоа значително ја отежнува работата околу неговото одржување – објаснува Душко Апостолов.
Катче природа во домот
Секој индивидуалец може да придонесе за подобрување на воздухот, а со тоа и на квалитетот на животот.
– Голем дел од населението во поголемите градови живее во станови. НАСА има направено листа на растенија што најдобро го филтрираат воздухот во затворен простор. Меѓу нив се: алое вера, фикус, растенија што вегетираат во саксии и немаат некои посебни потреби освен убава позиција, наводнување и многу љубов за подобар изглед. Речиси на секој заболен човек му се препорачува да одмора во природа, но ако имаме шанса да си направиме катче природа на покривот или во некој агол на нашиот дом каде што ќе можеме слободно да се релаксираме, зошто да не го сториме тоа – вели Апостолов.