Кога ќе се влезе во планинското село Пера Мелана и во околните гратчиња на грчкиот полуостров Пелопонез, обичниот Грк можеби нема да може да ги разбере локалните жители. Таму сѐ уште се користи јазик стар три илјади години, еден од најстарите живи јазици во светот наречен цаконика, а неговите говорници се лингвистички чувари на древната Спарта, легендарниот град-држава, објавува Би-би-си.
Денес, само околу 2.000 од 10.000 Цаконијци, повеќето возрасни луѓе, зборуваат цаконика, а јазикот е ограничен на 13 гратчиња и села сместени околу Пера Мелана. Овие места се наоѓаат на околу 55 до 100 километри североисточно од древната Спарта и токму нивната географска оддалеченост од главниот град што некогаш владеел со нив им помогнала во зачувување на јазикот. И додека грчкиот е официјален јазик во регионот, цаконика главно се зборува дома и понекогаш во јавност. Иднината на овој јазик е неизвесна, а неговите говорници се сметаат за лингвистички потомци на древната Спарта. На овој јазик нема никаква литература.
– Ја губиме цаконика без автентични учители. Јас се обидувам да го зачувам јазикот веќе 40 години, тоа е моја должност – вели Томаис Кунија позната како „кралица на цаконика“, која совршено го владее јазикот.
Цаконика не е само важна за идентитетот и културата на Цаконијците, таа е и единственото континуирано наследство на древните Спартанци и еден од најстарите јазици во Европа. Таа се базира на дорскиот јазик, што го зборувале древните Спартанци и е многу поблиску до древниот отколку до модерниот грчки јазик. Двата јазика меѓусебно не се разбирливи.
– Цаконика е главниот доказ за нашата врска со Спарта. Ние сме директни потомци – вели Кунија.
Цаконика не е важна само за идентитетот и културата на Цаконијците, туку таа е единственото континуирано наследство на древите Спартанци. Исто така станува збор за најстариот жив јазик во Грција, кој му претходел на современиот грчки јазик за околу 3.100 години и е еден од најстарите живи јазици во светот.
Откако Спарта била освоена од Визиготите во 396 година, градот бил напуштен, а преостанатите Спартанци избегале и се населиле во планинските области оддалечени од 55 до 100 километри. Цаконика низ вековите се пренесувала од генерација на генерација и се зачувала во овие изолирани земјоделски заедници. Јазикот цаконика почнал сѐ повеќе да се губи откако грчкиот станал официјален јазик во 1976 година.