Хинду-активист ја прозва модната куќа „Луј Витон“ да ја повлече подлогата за јога направена делумно од кравја кожа, оценувајќи ја како „крајно бесчувствителна“, пренесува „Асошиејтед прес“.
Рајан Зед, претседател на „Универзалното друштво за хиндуизам“ во изјава за „Асошиејтед прес“ рече дека подлогата за јога е „многу несоодветна“ за користење од страна на следбениците на хиндуизмот, кои кравите ги сметаат за свет симбол на животот.
– Вежбањето на јога која е возвишена и света древна дисциплина воведена и негувана од хиндуизмот, да се изведува на подлога направена од убиена крава е болно – рече Зед.
Модната куќа „Луј Витон“ со седиште во Париз, не одговори на пораките на „Асошиејтед Прес“ чии новинари бараа коментар.