ДОАЃА ПЕРИОД НА СТУД, ДОЖД, СНЕГ, МАГЛА…

Облачното време, обилните врнежи, првите мразеви, накиснатите лисја што паѓаат на коловозите, големите температурни разлики, како и зголеменото учество на земјоделска механизација, се сликите што ги карактеризираат патиштата во есенскиот и во зимскиот период од годината. Сето тоа ја зголемува опасноста од несакани инциденти на патиштата низ земјава, па во согласност со Законот за безбедност на патниот сообраќај, од 15 ноември до 15 март стапува во сила правилото за задолжително носење зимска опрема во согласност со одредбите утврдени во Правилникот за задолжителна опрема на возилото, велосипедот и запрежното возило за безбедно учество во сообраќајот на патиштата, како и на трактори за безбедно извршување на земјоделски, односно шумски работи.

За таа цел, од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) потсетуваат зошто е важно во секое возило да има зимска опрема.
– Временските услови имаат големо влијание во безбедното одвивање на патниот сообраќај, така што обврска на секој возач е да го приспособи своето возило на условите на патот и да ги почитува сообраќајните правила и прописи – велат од РСБСП и апелираат до учесниците во сообраќајот да бидат внимателни, одговорни и подготвени за безбедно управување на возилото во услови на влажни коловози и ниски температури.
Според надлежните од РСБСП, најважно е да се внимава на брзината, безбедното растојание меѓу возилата, условите на патот во време на магла, мраз, дожд, а пред сѐ на исправноста на возилото.
– Во услови на ниски температури и обилни врнежи од дожд или снег, појавите на голомразица на патот, влажни и лизгави коловози се очекувани, особено доколку се патува во раните утрински или доцните вечерни часови. Затоа треба многу да се внимава, да се приспособи брзината според условите на патот, за безбедно да се пристигнете на посакуваната дестинација – велат од РСБСП.
Оттаму додаваат дека лошите временски услови и непогодната состојба на коловозите влијаат на сопирачките на возилото, па затоа е потребно да се држи безбедно растојание и да се внимава на другите учесници во сообраќајот.
– Секогаш кога се движите во услови на магла, прво треба да ја намалите брзината и да ги вклучите соборените светла и светлата за магла – појаснуваат од РСБСП.
При есенски и зимски услови на патот, особено е важно да се управува технички исправно возило.
– Искуствата покажуваат дека при ниски температури и влажни и лизгави коловози на површина излегуваат сите неисправности на возилото. Затоа за лична безбедност на возачите и за безбедно и непречено пристигнување на посакуваната дестинација, треба да се прави редовна проверка на возилото со посебен акцент на системот за управување, системот за запирање, пневматиците, електрониката и сл. – потенцираат од РСБСП.
Од РСБСП потсетуваат дека носењето и користењето на квалитетна зимска опрема во голема мера може да ја елиминира опасноста што ја носи зимското време.