По три години музичка пауза и денови посветени на мајчинството, Тамара Тодевска деновиве ги израдува обожавателите со новата песна „Довидување таго“, за која е снимен и видеозапис. И зад оваа песна се потпишува тимот што веќе со години низ песна го раскажува животот на Тамара. Музиката и аранжманот се на Роберт Билбилов, текстот на Игор Џамбазов, а видеозаписот на Чедо Поповски.
– Игор Џамбазов ме познава како дишам, а и Билбилов исто така. И оваа песна како и многу претходни е буквално приказна од мојот живот. Раѓањето на Хана ме промени комплетно, донесе нова енергија и во домот и во секојдневието. Игор знае како тоа да го раскаже со зборови затоа што ја гледа позитивната промена во мене. Среќна сум и исполнета, а таква е и песната. Многу ми е драга затоа што ја отсликува позитивата што ја живеам последниве години, а најавува и нова. Видеото со Чедо го снимивме на една прекрасна плажа во Грција во петтиот месец од мојата втора бременост – вели Тамара.
Деновиве популарната пејачка освен што накратко се врати во студио, ги посветува на семејството, сопругот Александар и ќерката Хана. Нестрплива до породувањето, слично како и за својата прва бременост вели дека нема да заборави на работата, напротив со музика и нови песни ќе го донесе на свет и своето второ дете.