Бидејќи мајка ми е од Хрватска, отидовме кај нејзини пријатели во Метковиќ и останавме таму цела година. Сите беа многу љубезни кон нас, поради она што се случи во Скопје, а јас во градот бев вистински херој, вели Зоки

Зоран Блажевски се сеќава на 26 јули 1963 година

 

Има многу нераскажани приказни за Скопје, особено за она пред земјотресот што се случи на денешен ден во 1963 година. Како ретко богатство нив ги чуваат старите скопјани, а несомнено еден од нив е Зоран Блажевски, алијас Зоки Малиот, познат скопски угостител и креатор на забавниот живот во градот, чие семејство веќе четврта генерација е родено и живее во Скопје. И тој, како и татко му Иван Блажевски, познат скопски архитект, се труди да остави траги во градот, кој, како што вели, го чува и негува и со зборови, но и со дела.
Зоки ни ги раскажа своите сеќавања за тој кобен 26 јули, кој засекогаш избриша еден град, по што веќе ништо не беше исто. Иако имал само седум години, денот на катастрофата е длабоко врежан во неговата меморија.

Шок и неверување

– Имав само седум години, но се сеќавам на скопскиот земјотрес како да беше вчера. Со моите родители живеевме во зграда на улицата Рузвелтова број 46-а, но јас летото го минував кај баба и дедо во делот од градот наречен Крњево, кој се наоѓаше спроти старата Воена болница. Подоцна таму беше изграден Скопскиот саем, а сега на тоа место се гради голем трговски центар. Кога зградата се затресе тоа рано летно утро, во 5.17 часот, се сеќавам, чичко ми се фрли врз мене да ме заштити. Иако сѐ траеше неколку минути, за мене беше вечност. Баба ми и дедо ми тргнаа со мене надолу да се симнуваат од четвртиот кат, а се сеќавам нашиот комшија ме качи на рамо и, како што одевме, паѓаа тули, а малтерот се ронеше. Во тој момент на страв и неизвесност си помислив каде се и дали се добро мајка ми и татко ми. Тие дојдоа по два часа пеш и, како што рекоа, мислеле дека зградата, бидејќи беше релативно нова, ќе ја најдат пеплосана. Никогаш нема да ја заборавам таа глетка, татко ми беше облечен во нови пижами, а на нозете имаше чевли. Мајка ми Даница, кога почнала да се тресе зградата, му рекла веднаш да излезат надвор, а тој ѝ возвратил: „Чекај да ги врзам чевлите“. Како и повеќето скопјани, бил во шок – се сеќава Зоки Малиот на тоа страшно утро.
И држејќи ги родителите за рака набргу тие тргнале назад до станот, за да ги земат основните работи.
– Одевме низ старата скопска чаршија, мајка ми и татко ми цврсто ме држеа за рака, а околу нас гледавме разрушени куќарки, дуќанчиња срамнети со земја, прашина насекаде. Вечерта ја преспавме во паркот, каде што е сега стариот влез на зоолошката градина, каде што припадниците на војската и членовите на Црвен крст поставија огромни шатори. Бевме таму две вечери, па нѐ однесоа на падините на Водно, по што заминавме со мајка ми во Тетово, а татко ми остана да помага во расчистувањето на градот – ни раскажа Блажевски.

Една година во Метковиќ

Како и многу други семејства, по катастрофата Зоки и мајка му заминале од Скопје.
– Бидејќи мајка ми е од Хрватска, отидовме кај нејзини пријатели во Метковиќ и останавме таму цела година. Сите беа многу љубезни кон нас, поради она што се случи во Скопје, а јас во градот бев вистински херој, зашто бев единствено дете што доаѓа од настраданото подрачје, сите ме сакаа, ме викаа на гости, ме шетаа. Рибарите ме носеа на риба, а и во кино одев без пари, и тоа во просторијата каде што се проектираше филмот. Сите ме викаа Зоки Малиот, односно на хрватски Зоки Мали и, ете, тој прекар ми остана до денес. Се сеќавам, одев малку и на училиште, разбирав по нешто, но не сѐ. Плачев кога си одев од Скопје, ама плачев и кога се враќав од Метковиќ – ни откри Зоки.
Кога се вратил дома, забележал дека Скопје брзо се реновира и расчистува.
– По една година сѐ беше поинаку, но сѐ уште се уште се чувствуваше тага по починатите. И на училиште имав другарчиња на кои им починале најблиските, а и мојата учителка загина во катастрофата, живееше во зградата до полициската станица во Карпош – се сеќава тој.
Додека се реновирала нивната зграда, семејството се преселило во барака во населбата Жданец, па тој таа година учел во ОУ „Владо Тасевски“.
– Интересно беше на нашата улица, соседи ни беа Јонче Христовски, Мате Грујовски, Милорад Цаиќ-Цајо со неговите, а нешто подолу живееше и политичарот Петар Гошев. Ние во Козле не се чувствуваме како дојденци, можеби поради тоа што катастрофата што се случи сите некако нѐ сплоти – ни рече Блажевски.
По една година, тој се вратил во својата населба и во своето училиште, а ден по ден Скопје забрзано го менувало ликот.
– На некогашните ниви се создадоа нови населби, Карпош 3 и Карпош 4. Скопје се ширеше екстремно брзо, а старите скопјани ги раселија во подалечни населби, во Лисиче, Ѓорче Петров, Влае… Не знам зошто беше така, но така полека се губеше и душата на градот – раскажува овој стар скопјанец.
А во изградбата на постземјотресно Скопје учествувал и неговиот татко Иван Блажевски, кој за своите објекти бил и наградуван.

– Татко ми беше еден од попознатите архитекти во Скопје, работеше со познатиот Чех Лудјек Кубеш, автор на првиот урбанистички план на Скопје и основач на Републичкиот завод за урбанизам. Неговите градби и денес сведочат за едно време полно со елан и ентузијазам, како што се: хотелот „Водно“, рекреативните центри „Белви“ и „Сарај“, езерото Треска… Навистина сум горд што мојот татко беше дел од овој тим од соништата, а и самиот создаде прекрасни градби. Награден е за архитектонските проекти: Поштенскиот дом на Водно, поштата во Чаир, базенот во Сарај… – вели Зоран.
А неговиот живот сѐ уште е поврзан со Дебар Маало, каде што доаѓа секојдневно, како што вели, барем малку да го почувствува духот на старо Скопје.


Приказната за Перо Куфер

Во деновите по земјотресот можеле да се слушнат многу тажни, но и приказни со среќен крај. Една од нив е за дебармаалецот Перо, кој по земјотресот го добил прекарот Куфер.
– Кога бев дете, за мене и моите другари кафеаната „Идадија“ беше центар на светот. Таму беа и месната заедница и општината, а имаше и сала за игранки. Таму нѐ носеа родителите на ќебапчиња во саботите и неделите. Кога малку се потсмирија состојбите и градот почна да пулсира со нов ритам, таму ја слушнав и приказната за Перо Куфер. На 26 јули 1963 година тој требало да оди на службено патување во Белград и со себе носел голем куфер. Брзајќи, возот да не му избега, некаде кај „Бристол“, одејќи по калдрмата, пред да помине на другата страна на улицата, кај железничката станица, се сопнал на тротоарот, паднал, куферот му се отворил и сите алишта се разлетале. Додека ги собирал, земјата почнала да се тресе, а железничката станица да се урива пред неговите очи. Куферот му го спасил животот – ни раскажа Зоки Малиот.