Париз се сите улички што мирисаат на кроасани и овошни тартови, улици што мирисаат на „шанел“ и излози обоени во последната висока мода. Париз е онаа специфична стара архитектура, со многу познатите лимени покриви и црвени оџаци, но и прекрасните балкони, кои се губат во џунгла од саксии и цвеќиња
Ирма Башеска Ристовска,
специјално за „Нова Македонија“ од Париз
Луѓето што честопати го посетуваат Париз бездруго ќе речат дека ниту оддалеку не виделе сѐ од него, дека има уште многу за истражување. Тоа е затоа што овој град е неисцрпен извор на убавина, историја, култура, уметност и активности.
Париз е голем град, потребно е време за човек да се поврзе со неговиот специфичен дух, па и воопшто не изненадува што постојат и оние што се разочаруваат од него, особено младите што престојуваат во овој град на ден-два, преку студентски патувања или како дел од поголеми европски туристички тури.
Париз не е само Ајфеловата кула и „Лувр“ и долгите редици пред нивните влезови, не е само Триумфалната порта, ниту само Елисејските полиња. Не е само Богородичната црква, ниту пак Светото срце.
Париз се сите улички што мирисаат на кроасани и овошни тартови, улици што мирисаат на „шанел“ и излози обоени во последната висока мода. Париз е онаа специфична стара архитектура, со многу познатите лимени покриви и црвени оџаци, но и прекрасните балкони што се губат во џунгла од саксии и цвеќиња. Париз е лицето на уметноста распределена по голем број музеи и уште поголем број галерии, мали и големи, видливи и скриени во тесни улички. Овој град е полн со историја, замоци, палати и безброј катедрали. Но тука се и урбаните и модерни квартови, уличните музичари и артисти, воодушевувачките графити и мурали, ексцентричниот клупски живот и младина што знае да ужива надвор, на трева, на кеј, со жива музика и вкусна храна. А Париз е и онаа необична бруталистичка и футуристичка архитектура што речиси никогаш не се наоѓа на листите на туристичките водичи.
Речиси не е можно патувањето во Париз да започне без посетата на Богородичната црква, градена од 1163 до 1345 година, во француски готски стил, една од најпознатите во светот. Плоштадот пред катедралата секогаш е полн со луѓе, особено возбудени туристи што се обидуваат да ја направат совршената фотографија, а редиците за влез секогаш се предолги. Но овој пат глетката е значително различна и срцепарателна, а се вели дека така ќе биде и во наредните пет години. Катедралата заедно со својот плоштад е заштитена со високи огради и бодликави жици, како и кранови и камиони од сите три страни, кои не дозволуваат да се дојде до неа поради интензивната работа на обновата на катедралата по страшниот пожар што го зафати нејзиниот покрив во април годинава.
На истиот остров во реката Сена се наоѓа и црквата „Сент Шапел“, готска катедрала изградена во 1238 г., а комплетирана во 1245 г. Капелата била изградена по наредба на кралот Луј Деветти, за во неа да биде зачуван Светиот крст, кој бил купен во 1239 г. од Болдвин Втори. Светата капела воодушевува со богатиот витраж на високите прозорци, а сончевата светлина што продира низ нив ја капи целата внатрешност во пурпурен сјај. Како дел од некогашната Градска палата се и „Консенжери“, средновековна кралска палата што се протега по должината на Сена. Откако француските кралеви го напуштиле замокот кон крајот на 14 век и се преселиле во „Лувр“ и „Вансен“, „Консенжери“ станал Револуционерен суд, а неговите соби биле претворени во ќелии. Најпознат затвореник тука била Марија Антоанета.
Париз воодушевува со својата архитектура, па тука мора да се спомене операта „Гарние“, накитена со златни статуи, веднаш до стоковниот комплекс „Галери Лафајет“, чија магија се чувствува кога ќе се влезе внатре. А во срцето на градот, пак, се наоѓа и една од најмаркантните градби, градската општина „Хотел де Вил“ во неоренесансен стил. На нејзиниот плоштад има две фонтани, а тука секојдневно се одвиваат активности за посетителите, жива музика, хуманитарни настани. Кога сте веќе тука, неизбежно е да прошетате по пределот на Шатле. Тука се театрите „Де Вил“ и „Шатле“, меѓу кои се наоѓа фонтаната што го носи истото име. Од другата страна на Сена се наоѓаат националниот музеј на средниот век „Клуни“ и универзитетот „Сорбона“. Во непосредна близина, во латинскиот кварт, се издига неокласичниот Пантеон, чија фасада е градена според теркот на римскиот Пантеон. Првичната цел за неговата изградба била да претставува црква на св. Геновева, но сега тој е само мавзолеј што ги содржи останките на неколку истакнати Французи.
За да се почувствува убавината на Париз, тој треба да се доживее и низ булеварите Риволи и Сен Жермен, па и низ малите улички полни со кафулиња, барови, ресторани. Париз им нуди на своите жители можност да уживаат во разновидни кујни од целиот свет: јапонска, корејска, италијанска, индиска, турска, грчка… Но тука се и класичните француски пекарници и слаткарници на Париз, кои исполнуваат цели улици со прекрасна миризба. Совршено топол и крцкав кроасан со фил од чоколадо и ф’стаци, кафе-лате и макарони од „Малиот Версај на Мараи“ или сладолед од „Аморино“ и веќе имате енергија за да продолжите понатаму. А потребно е и енергија, како и многу време за еден љубител на уметноста целосно да се посвети и да ужива во поставките што ги нудат големиот број музеи, оние на Пикасо и Роден, Големата и Малата палата, музејот „Оранжери“. А оние што сакаат да видат што се случува во светот на современата уметност не смеат да го пропуштат „Помпиду“. Една од највоодушевувачките трајни поставки, како и привремени изложби, нуди музејот „Орсе“, чија градба е еднакво воодушевувачка. Наспроти него е најголемиот музеј во светот – „Лувр“, некогашна палата, изграден во периодот од доцниот 12 век до 13 век, под власт на кралот Филип Втори, кој сѐ уште се држи на своите оригинални темели, чии делови се видливи во подрумот на музејот. Музејот содржи околу 38.000 експонати од праисторијата до 21 век. изложени на површина поголема од 72.735 квадратни метри. Тој е најпосетуваниот музеј во светот, примајќи 10,2 милиони посетители. Но ,секако, атрактивната стаклена пирамида во неговиот двор претставува совршено место за фотографирање и едно од најпосетените места до кое може лесно да се пристапи дури и без купен билет. Еднакво прекрасни се градините „Туилери“, кои се протегаат по должината на Сена и го поврзуваат „Лувр“ со најголемиот плоштад во Париз, „Конкорд“, познат по обелискот од Луксор. Оттука започнуваат Елисејските полиња, сѐ до Триумфалната порта, која е прекрасна глетка сама по себе, но погледот одгоре го одзема здивот. Фасцинантна е глетката како малата триумфална порта на „Карусел“, која праволиниски се поврзува со Триумфалната порта и завршува со модерниот дизајн на 100-метарската арка на Ла Дефанс, деловен кварт што драстично се разликува од сѐ друго во овој град. Високите облакодери и стаклени рефлектирачки површини претставуваат вчудовидувачки контраст што остава без здив, за момент правејќи да се чувствувате дека сте во сосема друг дел од светот. Некои ќе речат дека доколку не сте ја посетиле Ајфеловата кула, исто како да не сте го посетиле главниот град на Франција. Но еднакво убаво е и чувството на Трокадеро, од каде што совршено се гледа кулата заедно со целиот регион околу неа. Во непосредна близина се наоѓаат и Музејот на современа уметност и „Палата Токио“, каде што љубителите на современата уметност можат да уживаат во одличните поставки и нивното редовно обновување преку претставување нови имиња и дела.
Монмартр е познат по уличните сликари што се собираат на плоштадот „Тертре“, како и Музејот на Монмартр, во кој некогаш живееле уметници како Морис Утрило, Сузан Валадон и Пјер-Огис Реноар. Тука е и музејот посветен на Салвадор Дали, како и познатите скали на улицата Фојатие, кабареата „Мулен руж“ и „Црна мачка“, чиј постер од Теофил Стеинлен сѐ уште ја одржува својата популарност, наоѓајќи го своето место на магнети, маички, огледалца, шолјички. Но дали е можно да се посети Париз без да се посети златестата богата рококо-палата „Версај“, нејзината сала со огледала, кралските апартмани, опера, капела и нејзините волшебни градини, лавиринти, кои ве носат до фонтани што свират и пеат, водопади, скулптури. „Версај“ бил кралски дом под власт на кралот Луј 14 сѐ до почетокот на Француската револуција, кога владеел кралот Луј 16. Во 2017 г. го посетиле седум милиони и 700 илјади посетители, правејќи го втора најпосетена знаменитост на Париз, веднаш зад „Лувр“ и пред Ајфеловата кула.
Меѓу сѐ друго, причина за восхит претставува и начинот на кој Париз успева совршено да го избалансира урбаниот дел со големи зелени површини. Освен многубројните градини што ги разубавуваат населбите, како прекрасните „Луксембург градини“, Париз го освежуваат и големиот број паркови. Еден од поголемите е Болоњската шума, која заедно со своите езера и водопади покрива површина од 8.459 квадратни метри, што е 2,5 пати пошироко од Централ парк во Њујорк. Дел од овој парк е и дворецот Шато де Багател, со својата формална француска градина, оранжерија и градина со рози. Во овој парк, како кристален камен се издига неверојатниот архитектонски дизајн на зградата на фондацијата „Луј Витон“. Започната во 2006 г., фондацијата претставува музеј и културен центар спонзориран од групата ЛВМХ. А во близината на Болоњската шума исто така се наоѓа „Ла Сена мусикале“, музички и перформанс-центар што воодушевува со својот дизајн. Завршена во 2017 г., оваа стаклена топка претставува едно од најатрактивните архитектонски дела во Париз. Нејзиниот дизајн, пак, многу лесно асоцира на „Геодата“ на „Вилет“, која претставува совршена рефлектирачка стаклена сфера во која се наоѓа омнимакс-театар. Паркот „Вилет“, пак, претставува трет парк по големина во Париз, дом на неколку музеи, концертни сали, театри, забавни паркови, филхармонија, конзерваториумот и најголемиот научен музеј на Европа „Градот на науката и индустријата“. Но Париз е многу повеќе од замоци, палати, градини, катедрали и фонтани. Со враќањето на популарноста на брутализмот во архитектурата, сѐ почесто се зборува и за бруталистичката и постмодерна архитектура во Париз, па речиси е изненадувачки бројот на градби што несомнено предизвикуваат восхит, а не се наоѓаат на агендите на туристичките водичи, ниту пак на листите на места што вредат да се посетат. Надвор од географскиот прстен на Париз, во регионот Ноази ле Гран ќе го видите просторот „Абраксас“, кој со својот неодолив дизајн станува филмски сет за снимање на последниот дел на филмот „Игри на гладот“.
Несомнено, Париз е град што нуди огромна разновидност и голем број можности за луѓе со различни интереси да ги задоволат своите туристички потреби и желби. Париз е град што ве повикува назад одново и одново, а ќе го посетувате секојпат со еднакво силна возбуда како и првиот. Во Париз ништо не станува здодевно. Ниту современото што е жива материја, која непрестано се менува, ниту пак класиката што со векови предизвикува восхит.