Годинашното јубилејно 20-то издание на „Оф-фест“ нема да се одржи во планираниот термин од 2 до 6 јуни.
– Единствена причина за одложувањето на веќе подготвената фестивалска програма е доцнењето на договорот и придружната документација, а со тоа и благовремената исплата на неопходниот аванс од Министерството за култура. Ова е прв ваков случај во историјата на фестивалот, како и на постариот „Скопски џез-фестивал“, на кој искрено се надеваме дека нема да му се случи нешто слично – велат првите луѓе на „Оф-фест“. Новиот термин е од 9 до 13 ноември годинава.
– Фестивалот, годинава со значително скратен буџет, во најголем дел ќе ја зачува веќе подготвената програма, првично предвидена за реализација во јуни, со истото планирано фестивалско отворање – концертот на модерниот фадо-дует Лина – Раул Рефри, колаборативен проект на португалската фадо-дива Лина Родригес и популарниот шпански артист Раул Рефри, еден од најбараните и најиновативни светски продуценти во моментов. Овој проект, кој лани кулминира со албумот „Lina_Raül Refree“, своевидна модерна посвета на музиката на големата фадо-легенда Амалиа Родригес, беше оценет од критиката како еден од клучните настани на светската музичка сцена во 2020 година – истакнуваат организаторите на фестивалот.
Во рамките на првата фестивалска вечер на „Оф-фест 2021“ ќе биде прикажан и документарниот филм „Уметноста на Амалиа“, посветен на кралицата на португалското фадо Амалиа Родригес.
Инаку, вчера Министерството за култура реагираше на информацијата за одложениот термин.
– Министерството за култура информира дека договорот за учество во финансирањето на „Оф-фест“ е навремено доставен до организаторот – „Скопје џез-фестивал“. И покрај тоа, апликантот не само што не го потпиша договорот туку поднесе и забелешки. Апликантот во неколку наврати е информиран за текот на постапката, како и за тоа дека непотпишан договор не произведува правно дејство. Оттаму, нејасно е неговото прозивање на Министерството за култура – стои во реакцијата.