Мистеријата за поларната светлина, позната како аврора, која обично се дефинира како брановиден сноп светлина што се појавува на повисоки географски широчини, конечно е решена, тврдат група физичари од Универзитетот во Ајова.
Истражувачите тврдат дека докажале дека „најсветлите аврори се произведуваат од моќни електромагнетни бранови за време на геомагнетни бури“. Неодамна објавената студија „Аурорал електрон ацелерејшн“, објавена во списанието „Нејчр комуникејшнс“, покажува дека брановите алфвен ги забрзуваат електроните кон Земјата, предизвикувајќи производство на светлосни зраци што одземаат здив.
– Мерењата откриле дека електроните се подложени на „резонантно забрзување“ од електричното поле на брановите алфвен, слично на сурфер што фаќа бран и постојано забрзува за да се движи заедно со бранот – изјави коавторот на студијата, Грег Ховс, соработник професор по физика и астрономија во Ајова. Патем, теоријата дека електроните што „сурфаат“ во електричното поле го предизвикуваат феноменот на „северно светло“, првпат беше презентирана во 1946 година од рускиот физичар Лев Ландау. Неговата теорија сега е потврдена.
За да ја докажат својата поента, тим научници симулираа поларната светлина во лабораторија во научен центар, во голем апарат за плазма. Во комора долга 20 метри, научниот тим успеа да генерира плазма слична на онаа пронајдена во вселената во близината на Земјата.
– Ги лансиравме брановите алфвен низ машината, слично како брзо да го тресеме цревото нагоре и надолу и да гледаме како бранот патува по цревото – вели Ховс.
– Овие експерименти ќе ни овозможат да извршиме клучни мерења, кои покажуваат дека мерењата во вселената и оваа теорија навистина го објаснуваат главниот начин на создавање на аврората – додава Крег Клетинг, коавтор на студијата.
Патрик Коен, научник од Одделот за хелиофизика на НАСА, ја карактеризира студијата како потенцијално корисна за идните истражувања.
– Тоа ни помага подобро да го разбереме вселенското време! Механизмот за забрзување на електроните, потврден со овој проект, работи и на други места во Сончевиот Систем, така што ќе најде многу примена во вселенската физика – рече Коен.