На планетата К2-141б, дождот е од камења, океанот од лава е длабок повеќе од 100 километри, а ветерот е четири пати побрз од звукот, пренесува Би-би-си.
– Ова е многу возбудлива планета со екстремни временски услови, минерални дождови и снег и суперсонични ветрови – изјави астрономот и главен автор Тју Гианг Нгуен.
„Не е баш најсреќно место за живеење, но тоа е супер планета за истражување на чудните работи на Земјата што ги земаме здраво за готово“, додава неговиот вонреден професор Николас Кауан.
Тимот астрономи од Индија и Канада објавија документ за најновите откритија од К2-141б, карпеста планета што личи на Земјата. Планетата К2-141б, позната и под името ЕПИК 246393474.01, се наоѓа на 202 светлосни години од нас во соѕвездието Водолија.
Негостопримлива е оваа планета на која времето навистина лета. Планетата К2-141б е толку близу до својата ѕвезда и ротира со голема брзина, така што годината завршува за помалку од седум часа. Нејзината ѕвезда припаѓа на група во астрономијата позната како „Портокалово џуџе“, која е многу постудена од нашето Сонце и е толку темна што не може да се види од Земјата.
„Тоа е планета со лава“, велат научниците кои ги анализираат и толкуваат податоците на Индискиот институт за научно образование и истражување (Колката, Индија), Универзитетот Јорк (Торонто, Канада) и Универзитетот МекГил (Монтреал, Канада).Таа е исто така „супер-земја“, бидејќи иако не е многу поголема од нашата планета, таа е дури околу пет пати помасивна (што значи дека гравитацијата на К2-141б е пет пати посилна отколку на Земјата).
Иако планетата К2-141б ја откри вселенскиот телескоп Кеплер во 2018 година во „мисијата К2“, истражувачите дури сега почнаа да ги откриваат нејзините необични карактеристики.
К2-141б кружи околу својата ѕвезда за неколку часа, но не се врти околу својата оска, како што прави Земјата.
– Ова значи дека две третини од планетата се секогаш изложени на светлина во текот на денот и дека температурата таму може да достигне 3.000 Целзиусови степени – вели професорот Кауан, додека другата страна е секогаш во темница, а температурата таму паѓа до минус 200 Целзиусови степени.
Драматичните промени во температурата создаваат екстремни временски услови кои астрономите ги нарекоа „камен дожд“.
За момент замислете ја циркулацијата на водата на Земјата: водата испарува од земјата, создава облаци во атмосферата, дождот ги обновува езерата и океаните и процесот започнува повторно.
– На планетата К2-141б, ситуацијата е иста, но со камен. Треба да се има на ум дека сè на оваа планета е направено од камен – вели професорот Кауан.
Драматичните промени во притисокот и температурата помеѓу светлите (топли) и темните (ладни) страни на планетата создаваат суперсоничен ветер кој достигнува брзина до 5.000 километри на час.
– Така се пренесува камената пареа преку ноќната страна на планетата, каде што кондензира во капки камења. На крајот, камениот дожд, а понекогаш дури и камен снег, буквално паѓа во океан на магма – вели Кауан.
„Оваа студија е прва што предвидува време на К2-141б“, рече Нгуен, кој е возбуден од она што може да се открие „далеку стотици светлосни години од телескопот на следната генерација“.