Александра Балабановска Ролин нѐ води низ Тел Авив
Марија Таушанска,
наша известувачка од Тел Авив
Тел Авив е познат по гостопримството на жителите, големиот број вегани, по тоа што тука има 80.000 кучиња, а епитетот слободен град го доби и поради многубројната геј-популација
Ако треба со неколку збора да се опише Тел Авив, актуелна музичка престолнина на Европа и град што поради брзото темпо на живот го викаат и Њујорк на Средниот Исток, секако тоа би била срдечноста на неговите жители, отвореноста за сите луѓе, без оглед на сексуалната ориентација, и своевидна престолнина на баухаус-архитектурата, што тука ја донеле германските Евреи.
Секако има уште многу нешта што го карактеризираат вториот град по големина во Израел, со околу 500.000 жители, кој секојдневно се гради и расте и во ширина и во висина. Да го запознаеме подобро Тел Авив ни помогна Александра Балабановска Ролин, Македонка што тука живее веќе шест и пол години, заедно со својот сопруг полковникот Ги Ролин. Таа ни откри дека првпат во Тел Авив стапнала на 4 јануари 2013 година, а ќе остане да живее уште една година. Александра по малку зборува еврејски, а инаку дипломирала француски јазик на Филолошкиот факултет во Скопје. Нејзиниот сопруг Ги е од Дижон, Франција, пензиониран полковник на француската жандармерија, а во Тел Авив работи за ЕУ.
– Тел Авив е основан во 1909 година, а според една приказна го основале 50 еврејски семејства што сакале да го населат градот. Тие направиле вид лотарија и се договориле кој каде ќе живее. На камче биле напишани локациите, некој добил место покрај море, некој подалеку, и почнала изградбата. Тоа се однесува за новиот дел, бидејќи Тел Авив се проширил, го опфатил и најстарото пристаниште во Европа, Јафа. Интересен стар дел на градот е и Неве Цедек, каде што се зачувани стари градби – вели Александра.
Како некои од поубавите места во белиот град таа ни ги посочи и булеварот Ротшилд во центарот на Тел Авив, плоштадот „Јицак Рабин“, изграден во непосредната близина на местото каде што е убиен овој еврејски политичар, Музејот на Тел Авив, пазарот во близината на пристаништето, шеталиштето покрај морето, а омилен дел за шопинг и е улицата Кикар Хамедина. Една од предностите е и тоа што Тел Авив е еден од најтоплите градови на Медитеранот, а во летото што тука трае скоро осум месеци температурите се движат до 32 степени. Кога ја прашавме Александра дали има нешто што ѝ пречи во градот, таа рече дека тоа е премногу високиот стандард.
– Тел Авив е еден од најскапите градови на светот, еве само како пример киријата за првиот стан ни беше околу 3.000 евра. Затоа луѓето работат и по неколку работи на ден. Од своја страна државата се грижи за старите и изнемоштени лица и им обезбедува нега, како и за лицата со инвалидност – вели таа.
Александра ни ги откри и своите омилени кафулиња и ресторани во Тел Авив, истакнувајќи дека тука бакшишот е задолжителен и изнесува најмалку 10 отсто од сумата.
– Ова е и град на веганите, а има и над 100 суши-ресторани, со што е веднаш зад Њујорк и Токио. Голем број хотели, кафулиња и клубови има по должината на 14 километри долгиот брег, каде што е и најживо во текот на 24 часа. Инаку јас често одам во ресторанот „Брас Ри“, каде што служат најдобар појадок, како и во пицеријата „Густо“, во близината на нашиот дом во центарот на градот. Хит-ресторан е и „Шајн енд Шарп“ што го отвори Дерик Шарп, некогашна кошаркарска ѕвезда на клубот Макаби Електра – ни откри Балабановска.
Кога забележавме дека има многу војска низ градот, Александра ни објасни дека војската е задолжителна во Израел и веднаш откако ќе наполнат 18 години девојките служат две, а момчињата три години воен рок. Но, тие тоа не го чувствуваат како обврска, туку како патриотска должност. Инаку тука, втор официјален јазик по еврејскиот, не е англискиот туку рускиот, поради големиот број Евреи што се доселиле од Русија и од Украина. Жителите на Тел Авив ги сакаат луѓето, срдечни се и гостопримливи. Но исто така ги сакаат и животните, а особено кучињата, ги има околу 80.000 и тука тие смеат да влегуваат во јавни установи, ресторани, а има и 60 парка специјализирани за кучиња.
На многу места во градот се виорат знамињата на геј-заедницата, која тука е многубројна.
– Епитетот слободен град Тел Авив го доби и поради многубројната геј-популација, па на листата на градови во кои геј-популацијата е добредојдена го зазема првото место во светот. На секој чекор можете да видите истополови двојки, како одат по улица држејќи се за рака или разменувајќи нежности – вели Александра Ролин.
Ќе гласам за Тамара
За евровизиската еуфорија меѓу жителите на Тел Авив, Александра ни рече дека навистина изостанува, а дополни и дека локалната самоуправа очекувала дека за време на „Евровизија“ градот ќе го посетат 25.000 туристи, а дошле едвај 5.000, најверојатно поради заканите од терористички напади и скапотијата.
– Дефинитивно не се чувствува евровизиска треска и жителите на градот не се импресионирани од настанот. Но јас како Македонка ќе го искористам моето право да гласам за Тамара вечерва, а истото тоа ќе го стори и мојот сопруг Ги – вели таа.
Избрани првите 10 полуфиналисти на „Евросонг 2019“
По првото евровизиско полуфинале влез во финалето обезбедија 10 земји: Грција, Белорусија, Србија (во чиј тим е и нашиот Дарко Димитров), Кипар, Естонија, Чешка, Австралија, Исланд, Сан Марино и Словенија. Директно во финалето одат членките на големата евровизиска петорка: Франција, Шпанија, Италија, Велика Британија и Германија, како и домаќинот Израел. Седумте држави што нема да имаат свои претставници на финалната вечер в сабота се: Црна Гора, Финска, Полска, Унгарија, Белгија, Грузија и Португалија.Честитки до финалистите упати Јон Ола Санд, супервизорот на „Евровизија“. Нашата Тамара Тодевска настапува 17-та вечерва. Нема трема и како што вели едвај чека да застане на евровизиската сцена во „Експо-центарот“ и да ја испее „Proud“.
Одлична е атмосферата и меѓу целиот македонски тим и сите се надеваат дека вечерва ќе нѐ направат горди и оти конечно по седум години пауза ќе се најдеме меѓу финалистите.