Оливија Њутн-Џон е харизматична пејачка и актерка. Таа е и кантавторка, претприемачка, активистка за здрава животна средина, за правата на животните и поборничка за зајакнување на здравствената свест. Родена е во Кембриџ, Велика Британија, од татко Бринли – Велшанец, а мајка Ирена – Германка. Кога имала 5 години нејзините се преселиле во Мелбурн, Австралија, каде што на 12-годишна возраст победила на локален натпревар за таленти. Кога имала 14 години нејзината мајка ѝ купила гитара, а по година-две повторно победува на музички натпревар за таленти како член на женска музичка група, за што добива награда патување во Лондон. Наградата не ја користи веднаш, но по извесно време го напушта училиштето, оди во Лондон и започнува да гради музичка кариера. Во 1969 година почнува соработка со гитаристот на групата Шедоус-Брус Велч. Подоцна соработува и со другиот член на групата – Џон Ферар, за на крајот да гостува во шоуто „Итс клиф“ на Клиф Ричард. Соработката со оваа група ја прослави во Велика Британија, и во 1971 година издава албум. Истата година го издава и синглот „If not for you“, песна на Боб Дилан, како и кавер-верзиите на „What is life“ од Џорџ Харисон и „Take me home countru roads“ на Џон Донвер. Во 1974 година таа е претставничка на „Евросонг“ на Велика Британија, каде што со песната „Long Live Love“ го зазема 4-то место. Во текот на 1976 и 1977 година таа има неколку хита со софтрок-песни, кои ѝ помагаат да се етаблира како кантри и поп-пејачка.
Во 1970-тите години ја освои публиката со изглед на девојка од соседството, а во 1980-тите сите ги изненади со своето провокативно и сексапилно облекување. Покажа дека зад нејзината весела надворешност се крие цврста и силна жена, жена што преживеа тешки животни искушенија. Партнерите ја сакаа и ја напуштаа, успеа да го победи ракот на дојката, да ја надмине депресијата, да се справи со банкротот, со смртта на татко си, како и со здравствените проблеми на ќерката Клои. Сепак, кариерата на Оливија Њутн-Џон постигна врв со филмската адаптација на бродвејскиот мјузикл „Брилијантин“ во 1978 година, во кој таа ја игра улогата на Санди Олсон. Со улогата во овој филм таа оствари планетарна слава. „Брилијантин“ е еден од најголемите бокс-офис хитови на само во 1978 година, туку и воопшто. Албумот од мјузиклот помина цели 12 недели на врвот на топ-листите во Европа и во САД и произведе три платинести и златни мегахита. Инаку популарноста на мјузиклот постојано растела најмногу поради атрактивноста на Оливија Њутн-Џон и Џон Траволта, добрата музика и прекрасната филмска фабула. Според заработувачката мјузиклот го зазема високото второ место, веднаш по „Титаник“.
Посебна приказна е албумот „Physical“ од 1981 година, кој како двојно платинест е нејзиниот најуспешен музички албум. Особено се интересни видеата за песните од овој албум. Насловната нумера од албумот постигна најголем комерцијален успех. Тоа е модерна песна врамена во општо прифатениот звук од 1980-тите години. Општо е познато дека оваа песна има сексуална конотација, факт што малку е камуфлиран со видеоспотот, каде што се вметнати комични моменти, но сепак е задржана сржта на главната идеја. Авторот на спотот Брајан Грант, идејата за истиот тој ја формулирал како пародија во која шеќерно допадливи машки во фитнес-центар стануваат дебели и грди. Оливија се обидува да ги доведе нив во ред и да ги претвори во идеални. Оваа песна стана голем музички хит во 1980-тите, а официјална забрана за спотот никогаш не беше изречена, иако Ем-ти-ви го емитуваше во доцните вечерни часови и никогаш докрај, со што се прикриваше сцената на држење за рака на две машки лица, во што музичките критичари видоа хомосексуален елемент. Другите нумери од албумот беа помалку атрактивни но сепак песната „Strangers Touch“ со видеото за неа ја паметиме како ноар-нарација што многу потсетува на мегахитот „Vienna“ на групата „Ултравокс“, додека видеото за нумерата „Falling“ е еден вид сценска театралност на еден куп минималистички идеи во него. Интересен е и спотот за нумерата „Silvery Rain“. Тоа е еден модерен спот со често кадрирање, при што театралноста потсетува на шарено евровизиско шоу, а на сцената се отвора полукружна бела чаура во која Оливија пее небаре е дива од бродвејските мјузикли.
Таа го снимаше и филмот „Ксанаду“, љубовна филмска приказна во која се испреплетени сегашноста и минатото, митовите и реалноста. Филмот ја раскажува приказната за девојката Кира, која ја толкува Оливија Њутн-Џон, и тоа е приказна за најдена, загубена, па повторно пронајдена љубов, бајка за девојка што сништата ги претвора во стварност. Овој филм го паметиме и по прекрасната нумера „Suddenly“, која во филмот во дует ја пеат Оливија и Мајкл Беск, а на саунтрак-албумот дуетот е составен од Оливија и од Клиф Ричард. Инаку, Оливија Њутн-Џон во својата музичка кариера има испеано по два дуета со Џон Траволта и со Клиф Ричард и еден со Енди Гиб. Добитничка е на четири награди „греми“, има пет број еден хитови, десет топ десет сингла и два број еден албуми на „Билборд 200“ при што продала сто милиони плочи. Се покажа и како успешна бизнисменка менаџирајќи го сопствениот синџир на модни продавници „Коала блу“. Се мажеше двапати, првиот пат со актерот Лет Латензи, а вториот пат со Џон Истерлинг. Ја има ќерката Клои Роуз Латензи од првиот брак. Австралија ѝ направи голема чест кога на Олимписките игри во Сиднеј 2000, таа заедно со тенисерот Патрик Рафтер го носеше вечниот олимписки пламен. Оливија Њутн-Џон беше и остана миленичка на публиката, која ја обожаваше поради нејзините песни, со кои таа ги „растураше“ светските топ-листи во 1970-тите и 1980-тите, но ја сакаше и поради позитивна енергија и весела природа.
(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)