Бесплатната видеоигра „Окупирајте ги белите ѕидови“ им овозможува на играчите да дизајнираат свои уметнички галерии – и да ги истражуваат креациите на другите. Благодарение на постојано растечкиот каталог на дигитални изложби, виртуелни тури и други културни понуди преку интернет, љубителите на уметноста, кои се затворени дома поради пандемијата на ковид-19, имаат многу опции за физички дистанцирано креативно изразување. За оние што го претпочитаат пристапот „направи сам“, постои бесплатна видеоигра именувана „Окупирајте ги белите ѕидови“, која им дозволува на корисниците да дизајнираат своја уметничка галерија.
Достапно на платформата за игри „Стрим“, ова „градежничко“ искуство нуди 2.200 уникатни архитектонски елементи, вклучувајќи спирални скалила, арт-деко осветлување, витраж-прозорци и повеќе од 6.000 уметнички дела, од сликите на старите мајстори па до современите креации.
– Секогаш се мачам да ја дефинирам. Тоа е масовна игра за повеќе играчи, простор каде што луѓето можат да градат галерии и да создаваат свои музеи. Таа е исто така платформа за нови уметници – откри Јарден Јарошевски за „Њујорк тајмс“, главен извршен директор на „СтикиПикселс“, лондонска технолошка фирма што стои зад играта.
Играта нуди низа слободи уникатни за дигиталниот свет. Една од галериите на Џуилфс лебди во вселената и прикажува фотографии направени од телескопот „Хабл“, додека друга седи на рибарски брод опкружен со вода. „Окупирајте ги белите ѕидови“ беше лансирана на платформата за игри „Стрим“ пред околу 15 месеци. До денес, околу 50.000 корисници на страницата, околу една петтина од нив се приклучија во изминатиот месец, создадоа галерии со површина од околу 215 милиони виртуелни квадратни метри, пренесува „Тајмс“.
Засега, корисниците можат да прикажат само дводимензионални уметнички дела, но „СтикиПикселс“ во моментов работи на ажурирање што вклучува 3Д-скулптури и инсталации.