Никола Димкоски, единствен инструктор за лица со попреченост
Машинскиот инженер Никола Димкоски, охриѓанец по потекло, веќе 25 години има своја автошкола „Виза“ во Скопје, каде што работи и неговата сопруга, инаку дипломиран архитект. Но она што го прави посебен е тоа што е единствен инструктор за возење автомобил за лица со инвалидитет во Македонија. Вели дека сѐ додека може, ќе им помага на луѓето со физичка попреченост да научат да возат автомобил и кога ќе ја совладаат оваа вештина да си помогнат себеси, на блиските и барем во нешто да бидат еднакви со другите. Тој смета дека секој има право да го оствари својот сон.
Што ве поттикна да започнете со оваа хумана мисија?
– Во 1992 година, периодот кога Југославија се распаѓаше, дипломирав на Машинскиот факултет во Скопје, а прва работа ми беше во „Годел“. Тоа беше тешко време и таму не ја гледав својата иднина, но од нешто мораше да се живее. Во 1996 година ја отворив автошколата „Виза“ и тргна работата. Некаде во 2000-та, во школата еден ден дојде Звонко Трајковски, млад човек со посебни потреби, кого го знаев од порано, и ми рече: „Нема автошкола за нас, никој не сака да прифати да нѐ обучува. Нема интерес ниту во Авто-мото сојузот ниту во Здружението на возачи. Истиот миг си помислив да се обидам јас да го правам тоа и така почна оваа позитивна приказна. А доказ дека не сум згрешил е радоста на сите на кои сум им помогнал, нивните реакции кога ќе ја земат возачката дозвола во рака. Неодамна Аце од скопската населба Радишани ми рече: „Секоја вечер ти праќам благослов, зашто секогаш кога требаше да одам некаде барав помош од другите, од брат ми, од татко ми, а сега се чувствувам многу гордо кога тоа можам да го направам сам, без ничија помош“. Овој успех е вистинско чудо за овие лица, бидејќи им се отвора прозорец кон нешто повеќе во животот.
Какви беа првите искуства, што беше неопходно да почнете да работите со лица со инвалидитет?
– Прво отидов во Здружението на инвалиди, контактирав со Михаил Бошковски, познатиот Мице диџеј, средбата беше срдечна и веднаш ми беше јасно дека заедно можеме да сториме нешто. Уште од првиот момент сфатив дека она што сакам да го започнам во мојата автошкола ќе биде од голема помош за лицата со посебни потреби. Во Здружението ми рекоа дека тие ќе се погрижат за адаптација на возилото, бидејќи во Куманово имале свој човек што ќе ги направи командите. Прифатив. Ми понудија три-четири варијанти, за да ја одберам најдобрата. Почнавме со „југо“, го приспособивме да работи како моторче, бидејќи тогаш уште немаше возила автоматик. Имаше еден проблем, не можеа да се обучуваат лица што имаат проблем со десната рака. Во текот на работата се приспособував, а освен тоа секој кандидат има свои специфични потреби. Прв ученик ми беше иницијаторот за оваа мисија, Звонко Трајковски. Потоа во Здружението на инвалиди добија парична донација со која платија 10 обуки на лица со попреченост, па потоа една германска фирма финансираше обучување уште на седум кандидати, „Телеком“ за уште петмина… За жал, веќе нема такви иницијативи.
Што никогаш нема да заборавите од досегашното искуство?
– Досега сум обучил многу луѓе со попреченост, сигурно 300-400 низ Македонија: Скопје, Куманово, Гостивар, Тетово, Радовиш, Кочани, Виница, Пробиштип, Крива Паланка… Секој случај е посебен, имало глуво-неми лица, со вид само на едното око, оние што се движат со инвалидска количка, со помагала. Пред повеќе години имав двајца кандидати за обука без дланки и јас веднаш добив желба да ги обучам. Отидовме во Медицина на трудот, каде што се даваа лекарски уверенија и таму зачудено прашуваа како ќе возат момчињата без дланки. Но кога се сака, сѐ се може. Момците успеаја, добија дозволи, а згора на тоа завршија и факултети. За жал, рано починаа, бидејќи болеста брзо прогресираше, но, сепак, колку што можеа зедоа од животот.
Што беше пресудно во светски рамки да им се дозволи на инвалидите да се обучуваат да возат автомобил и покрај нивниот хендикеп?
– Пред триесетина години во Нов Зеланд полицијата застанала возило поради брзо возење. Го запреле и на возачот му побарале сообраќајна и возачка дозвола, а тој им одговорил: „Еве, земете од џебот на кошулата“. Вчудовидени полицијаците реагирале: „А зошто ти не ни ги дадеш“, на што тој одговорил: „Бидејќи немам раце“. Замислете, тој возел со нозете. Имал само сообраќајна дозвола, но не и возачка, бидејќи, како што рекол, немало каде да полага. Од тој ден на светско ниво е донесен закон дека секое лице што има физички проблем може да вози, но со лекарска белешка и потврда од специјалист. Кај нас, како и на други места, прво се оди на очен лекар, а потоа на ортопед, кој има сертификат за такви прегледи, кај нас тоа е д-р Видоевски. Тој секогаш има зборови на поддршка за сите што и покрај пречките сакаат да научат да возат автомобил. Инаку, секое возило со кое управува лице со посебни потреби мора да има знак на видливо место, кој ќе го забележат другите учесници во сообраќајот.
Како би можеле да им се олеснат условите на лицата што не се од Скопје?
– Членовите на Здружението на инвалиди имаа намера да оспособат едно апартманче во Скопје за лицата што ќе дојдат да се обучуваат од внатрешноста, но, за жал, идејата не се реализира. Причина за тоа беше фактот што обуката се прави во Скопје, а полагањето е во нивниот град. Оние што сакаа да полагаат тука, мораа да се пријават дека престојуваат шест месеци во метрополата, а тоа за повеќето е многу комплицирано, и физички и материјално. Но кога јас одам во други градови, учениците полагаат и полигон и градско возење во еден ден, што не е препорачливо, а згора на тоа и за мене плаќаат дневница. Поради тоа повеќепати со писмо сум се обратил до соодветните органи да се направи отстапка и тие што се обучуваат во Скопје тука и да полагаат. За да успееме, треба да се огласи и Сојузот на инвалиди на Македонија.
Со какво возило вршите сега обука на лица со попреченост?
– Со „опел корса“, автоматик, адаптирано со рачни команди за сопирачка и гас. Плус за секое лице што треба се приспособува возилото. Кога возилото е автоматик, десната рака и да не е способна, можно е да се управува со возилото.
Како ве наоѓаат луѓето, како дознаваат за вас?
– На интернет ме наоѓаат, има реклама и на страницата на Здружението на инвалиди, во „Жолта книга“ пишува, над просториите на автошколата има натпис… Оние што веќе зеле часови им кажуваат на други што се во слична ситуација и се шири приказната. Исто така, доколку лица со попреченост ги прашаат моите колеги каде можат да земат часови, ги упатуваат кај мене.
Ви доделиле ли досега некоја награда за вашата хуманост?
– Никогаш ништо не сум добил, никаква награда, никој досега не се сетил. Си велам, зошто еднаш од МВР не рекоа, чекајте, овој човек прави нешто навистина хумано веќе дваесет и кусур години…