Книгата наменета за сите идни дизајнери, „Како да станам моден дизајнер?“ од Зорка Тодорова-Младеновиќ деновиве е објавена во издание на „Арс либрис“. Станува збор за прва книга од ваков тип кај нас, која им излегува во пресрет на фантазијата и на желбата на оние што сериозно сакаат да се занимаваат со модата како мошне креативна применета уметност.
– Идејата за оваа книга произлезе од мојот интерен учебник што го имав подготвено за студентите на Технолошко-металуршкиот факултет, каде што им предавав на студентите на Институтот за текстил, сè до моето пензионирање пред 15 години. Го дополнив и со други поглавја за да го направам достапен за неговата намена. Ова е прва книга од македонски автор од ваков вид литература или, поточно, учебник.
И покрај тоа што денешните млади, кои се определуваат во иднина да се занимаваат професионално со модата, знаат странски јазици и полесно ги наоѓаат информациите за модата во литературата на англиски или на француски или, пак, на интернет, сепак, убаво е да имаат и четиво на мајчиниот јазик – вели авторката Зорка Тодорова-Младеновиќ.
Книгата е поделена во шест тематски поглавја и систематично се осврнува кон сознанијата што би требало да ги совлада секој иден моден дизајнер, за да се стекне со знаењето и вештините на оваа дејност. На последните страници од книгата се вклучени и кратки биографии и фотографии од модни колекции на тројца македонски успешни модни дизајнери, кои успеваат да изградат светско реноме преку својата работа.
Зорка Тодорова-Младеновиќ деновиве ја доби престижната филмска награда „Златен објектив“ за 2020 година. Признанието го доделува управниот одбор на Кинотеката на Македонија, на филмски работници што преку својот професионален ангажман придонеле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.