Американската компанија „Ултра сејф нуклеар корпорејшн“ разви мал и безбеден нуклеарен реактор што ќе може да се инсталира на вселенски бродови и да го скрати времето на патување во вселената. Значи, астронаутите од Земјата би можеле да пристигнат на Марс само за три месеци.
Како што е познато, на Марс нема услови за живот, тој е ладен и без кислород и секое подолго патување на оваа планета ги става астронаутите во поголем ризик, па затоа овој пократок период би бил исклучително поволен за нив. Моментно, најкраткото патување со беспилотни летала до Марс е седум месеци, но мисија со екипаж се очекува да трае и до девет месеци.
Идејата за нуклеарни реактори датира од 40-тите години на минатиот век, но оваа технологија дури неодамна е ревидирана како решение за длабоко истражување на вселената.
Мајкл Идс, директор за инженерство во „Ултра сејф нуклеар корпорејшн“, истакна дека ракетите со нуклеарно напојување ќе бидат помоќни и двојно поефикасни од оние со хемиски горива што се користат денес, што значи дека тие можат да патуваат подалеку и побрзо, а со тоа да согоруваат помалку гориво.
– Нуклеарната технологија ќе го прошири опсегот на човештвото надвор од орбитата на Земјата, но исто така и во вселената – вели Идс.
Дизајнот на нивниот нов мотор НТП (нуклеарен термички погон) неодамна беше завршен и доставен до НАСА, која нарача студија за да се најде начин да се забрза патувањето во вселената. Таквиот мотор треба да биде помал, посигурен и поефикасен од претходните слични нуклеарни реактори.
Пократките мисии би ја ограничиле изложеноста на екипажот на вселенско зрачење, но, сепак, постои загриженост за количеството на зрачење од нуклеарниот реактор на леталото.
Идс вели дека тоа би било ублажено преку дизајнот на реакторот. Тој појаснува дека течните горива, лоцирани помеѓу моторот и просторот каде што се наоѓа екипажот, ги блокираат радиоактивните честички дејствувајќи како исклучително добар воздушен штит.
Планот е да се започне вселенски туризам и развој на брзи орбитални логистички услуги, како што се сателитски транспорт или испорака на вселенски летала способни за поправка на сателити во вселената.
Експертите велат дека употребата на новиот мотор може да биде широкораспространета за две децении. Соодветно на тоа, треба да се извршат голем број тестови пред да биде екипажот испратен на Марс.
– Никогаш порано никој не управувал летало на нуклеарен погон. Сметаме дека ќе треба да се извршат многу летови пред да се осмелиме да испратиме некого во вселената со тоа – велат експертите, пренесува „Си-ен-ен“.