За добра журка е пресудна музиката. Музиката го поставува целиот тон на забавата. Без разлика дали музиката нежно свири во заднина или имате подиум за играње, креирањето на плејлистата претходно или на самото место не е лесна работа. Диџеите секогаш работно ја поминуваат Новата година.
За Вера Јанковиќ „новогодишната ноќ“ трае и ден и ноќ.
– Почнувам попладне во „Цреша бар“, некаде до 20 часот, потоа продолжувам во Штип, во барот „Онли фулс енд хорсес“ до рано наутро. Никако не ми паѓа на памет да смислувам плејлисти, затоа што атмосферата никој и никогаш не би можел да ја предвиди. Музиката е сепак најсилната емоција што го дрма просторот сѐ додека трае сетот и, нормално, сѐ додека имаш прва борбена линија што ја прима таа енергија и враќа со уште поголем набој. Секогаш се почитуваат главните играчи на вечерта. Внимаваш кој што сака и треба да чуе, за да можат како локомотива да ја придвижат композицијата во тој интервал – вели Јанковиќ.
Според нејзиното досегашно искуство, публиката побудалува на југословенските поп и рок-стандарди.
– Никогаш не можеш да изгубиш битка со атмосферата доколку во опкружување се вистинските ликови. Не само новогодишната ноќ, ниедна ноќ не можам да ја замислам без Кирил Џајковски и неповторливата „Jungle Shadow“. Секој може да го има музичкиот опус, спакуван на разни начини, но ретко кој знае да го сподели со аудиториумот. Тоа е мајсторлак, тоа е уметност – додава Вера.
Александар Галоски вели дека музиката ѝ ја приспособува на публиката. Помладата публика бара поенергичен и динамичен звук и, секако, најновите хитови, а постарата генерација некаква комбинација од нови и постари хитови и полабав звук.
– За Нова година ќе ги пуштам најголеми хитови и, секако, понекоја вечна класика, хит што никогаш нема да згасне. Новогодишната ноќ не може да се замисли без Мараја Кери и „All I Want For Christmas Is You“. „Wake Me Up“ од Авичи или „Bad“ од Дејвид Гета се песните што секогаш ја разгоруваат атмосферата – вели Галоски.
На диџеј Никифор работната Нова година му почнува во 12 часот напладне во „Лофт“, потоа од 15 до 20 во „Локал 45“ со најблиските, од 22 до 1.30 на приватна забава, а од 2.30 до раните утрински часови во „Централ клуб“ во Кавадарци.
– Плејлистата приближно ми е од хаус до техно, во зависност од времето и локацијата.
Главно вокали и хитови од изминатите години. Ако нешто згусти, секогаш е тука Мајкл Џексон или „El Sueno“ на Дениз Круз, според мене хитот на годината – вели Никифор.
Трајче Петрушевски, познат како Гејмоувер, никогаш не подготвува плејлиста. Секогаш музиката ја избира на самото место. Тој смета дека на тој начин сетот е поавтентичен.
– Нова година не ја третирам различно од која било друга вечер. Што се однесува до мојата публика, најчесто пуштам микс од нова и веќе докажана музика, најчесто во форма на едити или ремикси – вели Трајче.