Истражувачки проект што се реализира во Боцвана и во Намибиjа на африканскиот континент претставува закана за екосистемите, локалните заедници и за дивите животни, предупредуваат од организациите за заштита на природата на овие земји
Десетици илјади африкански слонови се загрозени со плановите за изградба на големо нафтено поле во подрачје на недопрена приода на Црниот Континент, наведуваат стручњаците. Тие стравуваат дека предлогот за нафтено поле што се протега преку Намибија и Боцвана, би ги уништил регионалните екосистеми и би ги загрозил дивите животни, како и локалните заедници. Заканите веќе станаа реалност, бидејќи во изминатата година мистериозно загинаа стотици слонови. Научниците се обидуваат да ја пронајдат причината за смртта, но веруваат дека тоа може да биде последица на зголеменото количество токсични алги, како последица на глобалното затоплување.
– Несфатливо е зошто нафтените полиња на компанијата „Рекон Африка“ за фосилни горива ќе се градат токму тука. Во Африка живеат околу 450.000 слона, а не тoлку одамна ги имаше милиони. За 130.000 слона овој регион е дом, а погрешните планови на компанијата „Рекон Африка“ ги изложуваат на директен ризик – вели Розмари Елс од „Глобалното движење за носорози и слонови“.
„Рекон Африка“ е канадска компанија за нафта и гас, која закупила над 34.000 квадратни километри земјиште покрај сливот на реката Каванго. Сеизмичките истражувачки работи се почнати, а стручњаците велат дека новото нафтено поле би можело да биде едно од најголемите што се изградени последните години.
Загрозени и резервите на вода
Но научниците, еколозите и преставниците на локалната заедница сметаат дека проектот би можел да ги загрози клучните резерви на вода, како и делтата на Окаванго во Боцвана, што претставува огромна недопрена дивина и светско природно наследство.
– Секој елемент на овој процес од новите патишта до местата за дупчење, рафинериите и терминалите – ќе го опустоши екосистемот и локалните заедници што зависат од него, работејќи во замјоделството и риболовот – изјави Нимо Басеи, директор на „Фондацијата за здравјето на мајката Земја“ и претседавач на организацијата „Оилвоч Африка“.
Тој истакна и дека вибрациите од истражувачките работи ги вознемируваат слоновите, а зголемената изградба на патишта и сообраќај, не само што ќе ги избрка животните туку ќе им отвори простор на ловокрадците.
– Особено кога имаат млади, слоновите ги избегнуваат подрачјата во кои има какви било активности, каде што има бучава и сѐ што гледаат како опасност. Тоа може да ги оддалечи од нивните древни миграциски патишта и да ги донесе поблиску до селата и до земјоделските подрачја, што ќе предизвика судир меѓу слоновите и луѓето – објасни Басеи.
Во компанијата „Рекон Африка“ тврдат дека проектот ќе донесе работни места и огромна економска корист за целиот регион, без штета за животната средина.
– Искрено веруваме дека стабилната енергетска индустрија во регионот може да се развива на еколошки и општествено одговорен начин, кој ќе ја овозможи неопходната економска и социјална корист, како и финансирање инвестиции во локални екосистеми и заштита на природата – изјави портпаролот на компанијата.
Север и југ
Ина-Марија Шикондо, една од координаторите на групата „Фрајдејс фор фјучр- Виндок“, вели дека регионот е веќе погоден со суша и оти климатските миграции на животните по храна, но и на луѓето во потрага по работа се сѐ почести.
Според неа, планираното нафтено поле, како и ропството и колонијализмот се работи на кои се заснова северот, кој ги користи ресурсите и луѓето на југот за своите цели.
Некои од членовите на Владата на Намибија сметаат дека западните критичари, чии земји се збогатија со искористување на приодните богатства, денес немаат право да ја запрат Намибија да го направи истото тоа.
Меѓутоа, Басеи тврди дека владеењето на нафтата нема да му донесе просперитет на намибискиот народ, додавајќи дека целиот свет мора да се откаже од фосилните горива во наредната деценија за да се избегне „климатска катастрофа“.