Колекцијата „Постродовост поглавје 4“ на дизајнерот Драган Христов е четврти дел од низата колекции насловени „Постродовост“ и ги застапува темата на родова еднаквост и футуристичката визија за елиминирање на родот и родовите улоги
„Лудус“ ја промовира последната колекција за есен/зима 2021/2022 година насловена „Постродовост поглавје 4“ со дигитална кампања и виртуелен изложбен салон. Новиот начин на претставување е во чекор со условите диктирани од пандемијата и технолошките достигнувања и предности на ВР-технологијата.
Виртуелниот изложбен салон достапен на вебсајтот на „Лудус“ овозможува директна прошетка и набљудување одблиску на моделите што ја сочинуваат колекцијата. Проектот беше направен со љубезно отстапување на денсинг-салата на Младинскиот културен центар во Скопје, каде што минатиот месец беше скенирана колекцијата поставена на 16 модели, од кои дел беа поддржувачи и пријатели на брендот, а дел нови лица од агенцијата „Моделс ин“.
Колекцијата е четврти дел од низата колекции насловени „Постродовост“ и ги застапува темата на родова еднаквост и футуристичката визија за елиминирање на родот и родовите улоги. Истовремено таа е формално истражување на родовата неутралност преку модниот јазик и концептно продлабочување на естетиката на брендот започната пред неколку сезони.
– Со почетокот на пандемијата, „Лудус“ ги зајакна принципите на одржливост и етичко производство, па така и овој пат во колекцијата се застапени рачно и природно обоени текстилни парчиња, како и ботанички обоена волница од која се направени рачно плетени џемпери/фустани со издолжени пропорции. Токму џемперите се досега најодржливиот и најеколошки производ на „Лудус“ поради тоа што 100 отсто природната сурова волна е набавена од локални производители во близината на Велес, а плетењето е направено од долгогодишната соработничка на брендот, Верица Трифунова. Така е постигнат производ, кој не само што вклучува употреба и ревитализација на занаети и природни суровини што полека замираат туку и нивното боење е целосно еколошко без никакви токсични материи што би влијаеле на животната средина или директно на кожата на потрошувачите – информираат од „Лудус“.
Исто така се направени и кожени чевли во соработка со локален занаетчија, кои ја придружуваат колекцијата.
Колекцијата „Постродовост 4“ е составена од 16 родово неутрални комбинации на 23 парчиња облека изработени во неутрална палета на бои што вклучува црна, бела и сива боја, овој пат дополнета со кафени и виолетови природни тонови, добиени со рачно боење на волна и волница. Користени се висококвалитетен природен памук, рунска волна и волна од македонско потекло што може лесно да се рециклира, а при дизајнирањето е користена техника на кроеви со нула отпад. Парчињата се целосно рачно направени со што е овозможена нивна долготрајност. На тој начин брендот се спротивставува на „брзата мода“ и нејзино прекумерното и неодговорно консумирање и на „брзата“ модна индустрија.
Брендот е застапен на странскиот пазар преку продажбата од сопствениот сајт ludus.com.mk, неколку интернет-продавници во Европа, Англија и САД, како и концептуалната продавница „Пентља“ во Љубљана.
„Лудус“ e модна етикета што произлезе од истоимената концептуална продавница во Скопје. Колекциите на Драган Христов, дипломец на академијата за ликовни уметности „Брера“ во Милано, се заснова на елементарните човекови чувства, најчесто меланхолични и тажни.