Од Францускиот поморски институт откриле „нов остров“ формиран од пластика, со големина од десетици километри, што се наоѓа помеѓу францускиот остров Корзика и италијанскиот остров Света Елена, пренесува „Њузвик“.
Средоземното Море е познато по престижните плажи, кристално-чистата вода и убавите острови, но човечкиот апетит за употреба на пластика ја уништило ваквата слика. Пластичниот остров настанал поради морските струи, велат од Францускиот поморски институт.
– Морските струи во северозападниот дел на Медитеранското Море се организирани на тој начин што водата се движи долж италијанскиот брег и откако ќе стигне до крајбрежјето на островот Света Елена, не може да продолжи и доаѓа до Корзиканскиот канал. Кога има лоши временски услови, како на пример, северноисточниот ветер лете, надоаѓаат големи количини пластика – објаснува Франсоа Галгани од поморскиот институт.
Тој вели дека ваквата ситуација со пластиката во овој регион не е новост. Ваквиот „пластичен остров“ се одржува во период од неколку дена, па се до три месеци.
– Проблем е тоа што токсичните материи од пластиката завршуваат во ткивата на живиот свет, стануваат дел од рибите што ги јадеме – објаснува Галгани.
Според проценката на една студија од 2015 година објавена во магазинот „Сајнс“, помеѓу 4,8 и 12,7 милиони тони пластика завршува во океаните годишно.